Хелсиншкиот комитет за човекови права смета дека граѓанската обврска за масовна вакцинација е неопходна мерка заради заштита на здравјето на луѓето, информираат од огранизацијата, од каде додаваат дека ваквиот став го темелат на должноста да се чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите, што претставува највисока граѓанска обврска.
-Оваа обврска е и уставно регулирана во членот 39 од Уставот на Р.С Македонија, кој гласи: „На секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите“, соопштуваат од Хелсиншкиот комитет.
Оттаму, според нив, граѓаните покрај уставно гарантираните права, имаат и уставно регулирани должности, за чие неисполнување постојат уставно регулирани забрани за движење предвидени во членот 27 од Уставот, според кој „секој граѓанин има право слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избира местото на своето живеалиште. Секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката. Остварувањето на овие права може да се ограничи со закон, единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето“.
-Задолжителната вакцинација, за одредени заразни болести е веќе предвидена во членот 33 став 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести, додека во истиот закон, минатата година беа додадени одредби кои се однесуваат на заштита и спречување на ширењето на заразната болест Ковид 19. Дополнително, масовната вакцинација го штити не само лицето кое се вакцинира, туку создава и колективен имунитет помеѓу населението што ја спречува циркулацијата на инфективните агенси. Компаративно, заради заштита на здравјето на детето и правото на детето на здравје, Уставниот суд во 2014 година оцени дека е оправдано на родителите да им се ускрати правото на избор за невакцинација, од причина што правото на здравје на детето е посилно од правото на избор на родителите, информираат од Хелсиншкиот комитет.
Според Хелсиншкиот комитет забраните во случај на одбивање на вакцинацијата, во ниту еден момент не може да се подведат под сомнение дека би биле основ за дискриминација или во спротивност со Уставот и основните човекови слободи и права.