Немало непроверени лица во овие работи, само најблиски, изјави денеска обвинителката Лиле Стефанова во воведниот говор од првото рочиште за случајот „Плацови на Водно“ во кое првообвинет е поранешниот премиер, Никола Груевски, а со обвинението се соочени и Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ и Јордан (Орце) Камчев, неговата мајка, Ратка Камчева и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.
Според обвинението, Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“. Неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Орце Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.
– Обвинетите со умисла ги презеле сите дејствија на извршување кои се опишани во обвинителниот акт. За секое дејствие кое е наведено во актот, за секој факт кој го тврдиме ќе изведеме докази. Материјалните ќе ги презентирам јавно, вербалните ќе ги слушнеме сите, и, на крај, верувам дека без никакво сомнение ќе се утврди фактичката состојба, кажа Стефанова во воведниот говор.
Притоа, побара сите обвинети да бидат огласени за виновни за кривичните дела кои им се ставаат на товар и да биде конфискуван целиот имот кој е ставен во обвинителниот акт.
Од друга страна, адвокатот на Сашо Мијалков, Звонко Давидовиќ изјави дека обвинението против Мијалков, покрај тоа што нема правна логика нема ни човечка логика.
-Треба да прашате врз што се темели обвинението. Перење на пари е последица на едно друго кривично дело кое мора да му претходи. Обвинителството ниту го утврдува ниту го предлага, зборувам за мојот клиент, Сашо Мијалков. Не може ниту да ги докаже неговата умисла и знаењето дека некој друг незаконито стекнал пари од партија, па му помогнал на тој начин што му предложил оф-шор компанија. Онака како што е напишано обвинението, не соодествува на законското битие перење на пари, а ако го оставиме и претходно постоењето на друго кривично дело кое мора да претходи. Покрај тоа што нема правна логика, нема ни човечка логика, затоа што на еден министер за финансии, на премиер кој беше 10 години, навистина не му е потребен никој кој ќе му обезбеди офшор компанија, а обвинителката сама во воведниот говор си скока во уста и вика дека веќе знаел дека имало офшор компании, па капиталот го вложувал. Така да, обвинението е буквално исконструирано по мојот клиент, вели Давитковиќ.
Според обвинението, обвинетиот Никола Груевски, во периодот од 2006 до 2012 година, присвоил 1,3 милиони евра, како дел од парите што биле давани како донации за финансирање на партијата и не ги прикажал како примени донации.
Во обвинението за Груевски се вели дека во средината на 2012, тој дознава дека физички лица кои се иселени од државата преку посредници продаваат земјиште од околу 11.000 квадратни метри на Водно и бара од Мијалков да му помогне да го купи ова земјиште, ама да се прикрие изворот на парите.
Екс премиерот Груевски е во бегство во Будимпешта, а Мијалков и Камчев во Судот беа спроведени од затворот „Скопје“ во Шуто Оризари каде издржуваат мерка притвор. Останатите обвинети, пак, се со полесни мерки на претпазливост.
Истрагата за „Плацовите на Водно“ беше отворена во октомври лани, а обвинението стигна во судот во мај годинава, од каде откако го прифатија и електронски го распределија кај судечки совет, го закажаа и првото рочиште за денешниот датум.
Предметот го води судијата Илија Трпков, а обвинител во случајот е Лиле Стефанова.
По воведниот говор на обвинителката, поради правило на еднаквост на оружјата, одбраната упати предлог да им се дозволи да разгледаат докази, кои, според нив, беа споменати во воведниот говор на обвинителката, а не им биле дадени на увид претходно, по што судот одлучи да ја одложи расправата за 19 јули.