Пратениците од Комисијата за труд и социјална политика го одбија барањето на ССМ и на опозицијата за одржување на јавна расправа за Предлог – законот за работни односи со кој треба да се регулира неделата како неработен ден. Од опозициската ВМРО ДПМНЕ обвинуваат дека во однос на ова законско решение, не биле консултирани Синдикатите, Стопанските комори и експертската јавност.
„Mестото за јавна расправа е тука во Собранието. Пратениците од владејачката партија, едноставно бегаат од соочување со аргументите, јавните дебати, вкрстување на аргументите и секако соочување со јавноста. На денешната седница владејачкото мнозинство одби да изгласа одржување на јавна расправа на тема ‘Недела неработен ден’“, рече пратеничката на ВМРО ДПМНЕ, Благица Ласовска, која додава дека ваква дебата е неоходна за носење на правилно законско решение.
Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи во прво читање го мина филтерот на собраниската Комисија за труд и социјална политика. Со него, се предвидува денот недела да биде ден за неделен одмор за сите, со одредени исклучоци во дејностите каде работниот процес не дозволува да се направи прекин. Членовите на Комисијата едногласно го прифатија предлогот законот.
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, како претставник на Владата, пред народните избраници рече дека со ова законско решение се прави баланс на приватниот и професионалниот живот на работниците. Посочи на во подготовката на предлог законот, анкетата од Стопанските комори покаѓала дека за дури 70 отсто од членките на Коморите законското решение било прифатливо.
„Ова решение е голема придобивка. На него се рабптеше цели шест месеци. Со измените на Законот драстично ќе се промени сликата во градовите низ земјава, нема да работат супермаркетите, ништо нема да работи, освен големите молови“, рече министерката Шахпаска.
Пратеникот Арбен Зибери од ДУИ, за Нова ТВ вели дека по денешното гласање Предлог измените на Законот за работни односи, продолжуваат во матичната Комисија на второ читање, а откако ќе го минат и тој филтер, ќе треба да се најдат пред пратениците на Пленарна седница.
„Опозицијата имаше барање за јавна дебата, но пратениците со мнозинство го одбија. Пред се поради уверувањето од страна на министерката Шахпаска дека голем дел од Синдикатите и Коморите се изјасниле позитивно за измените во Законот, дел од нив посочиле дека едвај чекаат тој да стапи во сила. Опозицијата стравуваше дека предлог измените би можеле да предизвикаат отпуштања на работници, но напротив, овие измени предвидуваат ригорозни санкции за сите работодавачи кои ќе отпуштат работници“, рече Зибери за Нова ТВ.
Зибери вели дека законот во второ читање влегува по скратена постапка, при што пратениците нема да имаат можност да интервенираат преку амандмани.
Од Министерството за труд и социјална политика пак се децисни дела работникот мора да има време за одмор и за семејството, да се занимава со хоби, да спортува и да посетува културни настани, а сето тоа, вклучително и исполнетиот семеен и социјален живот ќе му помогнат да го канализира оптоварувањето на работното место и да биде попродуктивен.
Предлог измените на Законот за работни односи наидоа на остри реакции кај Сојузот на синдикатите на Македонија. Тие преку допис до медиумите побараа да бидат дел од денешната расправа во Парламентот за да ги изнесат своите ставови.
„На пратениците им укажуваме дека зголемувањето на додатокот на плата за работа во недела треба да изнесува најмалку 100 проценти за секој час поминат на работа во недела. ССМ останува на ставот дека заради спречување на злоупотреби потребно е денот на неделен одмор да биде денот што му претходи, односно му следи на денот недела односно или саботата пред недела или понеделникот. Напоменуваме дека дури и пренесувањето на правото за само еден ден во наредната недела може да значи губење на правото на неделен одмор кој треба да се искористи во 7 дена од неделата“, се вели во соопштението на Сојузот на синдикатите на Македонија.
Од Синдикатите бараат Законот да предвивува забрана за работа за оние работодавачи кои ќе се осудат да работат во недела, а нема да бидат опфатени во исклучоците, а казните за прекршување на законот да бидат ригорозни.
Ако предлог законот биде усвоен и стапи на сила, околу 92 проценти од работниците во државата недела ќе биде ден на неделен одмор. Пресметките на надлежните институции покажале дека дури 30 проценти од работниците во јавниот сектор би работеле во недела, а за исплата на нивните дневници од буџетот би требало да се одвојат близу 9 милиони евра годишно.
Вработените во дејностите кои се неопходни да функционираат, како што се производство на леб, телекомунизации, снабдување со електрична енергија, производство на метали и индустриски гас, сместувачки капацитети и други, ќе добиваат дневница повисока за 50 проценти. Тука се и медиумските работници.
Малопродажните објекти за храна нема да работат, вклучително и супермаркетите. Трговските центри во недела ќе работат само во една смена, од 10 до 18 часот, а вработените ќе добиваат 100 отсто повисока дневница за работа во недела.
Колку работниот ангжман во недела ќе ги чини стопанствениците од приватниот сектор за сега не е познато.
Биљана Божиновска