„Висок процент од новозаразените се невакцинирани, но има и вакцинирани, но со многу слаби симптоми“, рече министерот за здравство Венко Филипче, при увид на реновираното крило на Клиниката за ортопедија на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ). Министерот рече дека во моментов активно се спроведуваат кампањи за вакцинација, бидејќи вакцините ги намалуваат компликациите и од новите мутации, како што е индиската.
-Бевме свесни дека во еден момент ќе се соочиме со антиваксинална кампања исто како и пред две години кога беше епидемијата со морбилите. Тогаш за нецели шест месеци се сузби епидемијата кога воведовме забрана да се примаат децата во училишта и градинки без примена вакцина. Секаде во регионот ги следиме трендовите. Кај нас 450 илјади граѓани се вакцинирани, а најголем опфат има во големите градови, како Скопје со 30%, изјави Филипче.
Тој потврди дека вакцини има доволно, но засега не сме блиску до посакуваните 80% вакцинирани, што може да не заштити од нов бран.
-Ако граѓаните не се вакцинираат може да заболат и да бидат сместени во болница и да имаат компликации. Имаме нови пет потврдени случаи на индискиот сој, три во Скопје, по еден во Куманово и Тетово, додаде Филипче.
Министерот изрази задоволство што преку 85% од здравствените работници се вакцинирани и околу 54% од вработените во градинките и училиштата.
-Размислуваме да воведеме ограничувања од септември или октомври. Не може да страдаме зашто некој не сака да се вакцинира. Светот треба сда се отвори, не можеме дома да седиме, порача министерот за здравство.