Од отворените граници во Европа и слободата на движење профитираат многумина, a посебно германски фирми на кои им недостигаат стручни работници. Од одлив на мозоци е засегната и Германија.
Ливиу Сомесан е инженер, чии студии ги платила Романија, а тој сега работи во Германија и тука плаќа данок.
„Одлуката да дојдам овде за мене беше тешка, морав да го оставам семејството во Романија“ вели романскиот инженер Сомесан.
Во последните години во Германија дојдоа особено многу Полјаци – околу 17 проценти, пота следуваат Романците со 11 проценти и околу пет насто Бугари.
Бернд Рајсерт ги истражува промените на миграциските текови во Европа. На деканот на Факултетот за економија и право му се познати негативните страни на бреин-дреин, или одливот на мозоци.
„Се разбира, за земја која губи квалификувани луѓе постои опасност од намалување на развојните шанси. Но, ако за нив нема можност за вработување, сепак е подобро тие да заминат за одредено време“, вели деканот Рајсерт.
Поради слободата на движење во ЕУ и последиците од финансиската криза, пазарот на работна сила бележи силно раздвижување. Во Југоисточна Европа, на пример, се чувствува бреин-дреин, односно образованите луѓе се отселени. Понекаде, како во Севиља, некои кафулиња и продавници се веќе празни. Многумина Шпанци или Грци заминаа кон Северна Европа.
„Неопходно е ЕУ итно да им помогне на јужните членки да застанат на нозе, да ја одржат вработеноста, зашто многу потешко ќе биде таа повторно да се создаде ако луѓето веќе еднаш заминат“, вели Рајсерт.
Летоска ЕУ востанови нов фонд за справување со невработеноста на младите. Земјите-членки во следните години треба да стават на располагање околу 45 милијарди евра.
Од одлив на мозоци е засегната и Германија. Се отселуваат првенствено медицинари, привлечени од подобри работни услови и повисоки плати на друго место, на пример во Швајцарија.
Таа земја беше посебно омилена – досега годишно во Швајцарија се отселуваа 21 илјада Германци, 11 илјади во Австрија и речиси 8 илјади во Велика Британија. Бреин дреин, или одливот на стручна сила, допрва вистински претстои, сметаат експертите.
Анализата е превземена од сервисот на Дојче Веле