Апелационен суд Скопје како неосновани ги одби жалбите на обвинетите Бојан Јовановски и Катица Јанева за случајот „Рекет“ и ја потврди првостепената пресуда.
-Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ -91/20 познат во јавноста под името „Рекет“, донесе одлука со која жалбите на обвинетиот Бојан Јовановски од Скопје и обвинетата Катица Јанева од Скопје, ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди. Вака донесената одлука ќе биде објавена во целост на веб страницата на судот во рокот определен со Законот за управување со движењето на предметите во судовите, информираат од Апелационен суд Скопје.
Според пресудата од прва инстанца, беа изречени девет години затвор за неформалниот сопственик на 1 ТВ, Бојан Јовановски, седум години затвор за поранешната шефица на Специјалното Јавно Обвинителство (СЈО), Катица Јанева.
Казната за Јовановски е за делото „примање награда за противзаконито влијание и перење пари“, додека, пак, Јанева е осудена за делото „злоупотреба на службената положба и овластувања“.
-Бојан Јовановски и Катица Јанева се виновни. Во периодот од ноември во 2018 година до април во 2019 година, Бојан Јовановски познат како Боки 13 го искористил своето влијание врз Катица Јанева за извршување на службени дејствиа. За посредувањето земале награда од 1,5 милион евра, односно од сведокот Ана Камчева во износ од 500.000 евра, а од сведокот Јордан Камчев еден милион евра“, рече тогаш судијката Васка Николовска Масевска.
Боки 13 и претходно осудениот Зоран Милевски-Кичеец беа уапсени на 15 јули во 2019 година. Двајцата беа осомничени за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“, а Боки 13 и за кривичното дело „перење пари“. Милевски по признанието беше осуден на казна затвор од три години. Јанева беше обвинета за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластувањата.
Јовановски преку приватни снимки од бизнисменот Орце Камчев, првоосомничен во големата истрага за случајот „Империја“, беше пријавен од него дека му зел вкупно 1,5 милиони евра во три наврати за да му помогне преку Јанева да се спаси од затвор. Парите не беа најдени.
Јанева е осудена дека примила скап тросед и 50.000 евра за да му ја олесни положбата на Камчев во истрагата за „Империја“.