„Опозицијата треба да биде задоволна со предложениот датум за изборите – 31 октомври, бидејќи во спротивно кампањата ќе се поклопи со кампањата за пописот“, изјави премиерот Зоран Заев, одговорајќи на новинарски прашања. Тој додаде дека сепак ако опозицијата инсистира локалните избори да се одржат на 17 октомври, веројатно, како што кажа, „ние ќе бидеме ОК“, но токму Мицкоски инсистираше претходно локалните избори да бидат во втората половина на октомври.
-И претходно сме менувале датум за избори преку законски измени, како во 2004 и 2017 година, но Уставот не е прекршен. Колку што знам Уставниот суд тоа не го оцени како прекршување, кажа Заев.
Премиерот додаде дека очекува ДИК да го исполни барањето за користење читачи на отпечаток од прст на претстојните избори, бидејќи, како што вели, тоа било и барање на опозицијата. Тој порача институциите да ја забрзаат процедурата и дополни дека Законот за јавни набавки дава можност и за директна набавка.
Прашан за тоа дали СДСМ ќе има свој кандидат за Тетово, или пак ќе поддржи кандидат на ДУИ или Беса, Заев не одговори конкретно и истакна дека решение ќе има кога ќе бидат познати имињата на кандидатите на партиите. Претходно, во јавноста се шпекулираше дека доколку ДУИ не ја добие поддршката на социјалдемократите, тие ќе побараат предвремени парламентарни избори, додека пак Беса, ако ја нема поддршката за Тетово на СДСМ, ќе го опструираат и онака тесното мнозинство во Собранието.
-Се работи за коалициони партнери, во кои имаме голема доверба. Секако, во некои работи сме различни, тоа јавноста го знае и секој пат сме се обидувале да изнајдеме решение, затоа што довербата ни е голема, но и одговорноста ни е голема. Го водиме мнозинството во Парламентот, а со тоа и извршната власт, а секако и соработката на локално ниво. Ваквите предизвици пред нас за да имаат решение изискуваат време. Да видиме кои се кандидатите. За да се побара поддршката, треба да се знае и каква е понудата на располагање. За да го повикаме членството треба да ги знаеме имињата на кандидатите. Така е во сите општини, но актуелно е Тетово. Преку ликовите на кандидатите ќе ги изнајдеме решенијата. Некаде ќе има поддршка во првиот круг, некаде ќе најдеме поддршка во вториот круг, а некаде нема да има поддршка, туку потоа изгласаните градоначалници ќе го создаваат мнозинството во Советот, изјави Заев.
Претседателот на СДСМ откри дека во внатрепартиските избори за кандидати веќе има петмина пријавени, а од нив тројца се Албанци.