Малолетно дете се здобило со лесни повреди откако во негова близина паднало дрво. Немилиот настан се случил синоќа во близина на влезот на основното училиште „Коле Неделковски“ во скопската населба Дебар Маало. Во инцидентот бил оштетен и паркиран автомобил.
Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, за „360 степени“ вели дека детето има само гребаници, а се наоѓало во близина на автомобилот врз кој падна дрвото.
„Дрвото паднало само од себе. Било со зелени гранки, но со исушени корени, практично, без корени. Паднало и оштетило едно возило. Дојде полиција и направи записник. Ќе треба да се плати отштета за автомобилот. Детенцето било малку изгребано, тоа било во близина на автомобилот“, вели Богдановиќ.