Владата го утврди текстот на Предлог-законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела, информираат од Министерството за правда. Воедно се утврдени и измените и дополнувањата на Законот за заштита на физичките лица во врска со обработката на личните податоци заради цели на спречување, истрага, откривање или гонење на кривични дела или за извршување на кривични санкции.
Според Министерството за правда, целта на законот за исплата на паричен надомест на жртвите на кривично дело со насилство е да се изврши усогласување со меѓународните стандарди во сферата на правата на жртвите од кривични дела.
– Причината за донесување на законот произлегува од потребата за усогласување со меѓународните стандарди и од член 53 став 3 точката 2 од Законот за кривичната постапка, каде што е пропишано дека во согласност со посебните прописи жртвата на кривично дело за кое е пропишана казна затвор од најмалку 4 години, меѓу другото, има право на надоместок на материјална и нематеријална штета од државен фонд под услови и на начин пропишан со посебен закон, доколку надоместокот на штета не може да се обезбеди од осудениот, велат од Министерството за правда.
Предуслов за паричен надоместок е делото да биде евидентиран или пријавен во полиција, а според Министерството за правда, земен е примерот на Хрватска.