Претседателот на Собранието, Талат Џафери откри дека датумот за одржување на локалните избори е 17 октомври. Тој на брифинг со новинарите сподели дека оваа негова одлука не се должи на меѓупартиски договор, туку дека ја донел исклучиво врз основа на законите, бидејќи токму во тој период им истекувал мандатот на актуелните градоначалници.
Претходно се отворија дилеми за тоа дали кампањата за локалните избори ќе се поклопи со претстојниот попис, па премиерот Зоран Заев го предложи 31 октомври како датум за одржување на изборите, но во намерата остана сам, а од ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека со избори на тој датум ќе се прекрши Уставот, поради истекувањето на мандатот на градоначалниците, по што Заев ги омекна ставовите.
– Датумот, според предлогот од работните групи во кој учествуваат сите политички партии е 17, односно нема промени на датумот кој е утврден во самиот Изборен законик и досега. Имаше дилеми заради трите дена поклопување на пописот со кампањата, но на крајот се одлучи трите дена не менуваат ништо, пописот е активност којашто финишира преку ден, кампањите се водат навечер. Впрочем, пописот секојпат се држел 20 дена, овој пат се определени 30 дена, може навистина да се заврши порано. Има доволно време, нема потреба од какви било промени на датумот за изборите, изјави неодамна Заев.
Инаку, претседателот на Собранието брифираше дека изборите ќе ги распише на шести август.