„На сите Македонци, каде и да се, честит Илинден и нека е вечен празникот“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во говорот од струшкото село Ташмаруништа, каде го празнува Денот на Републиката – Илинден.
– Додека трае споменот за Илинден ќе трае и Македонија, зошто Илинден е нашата епска битка, нашата библија, и нашиот крст кој ние со исклучителен пиетет го прифаќаме и носиме. Двата Илиндена не беа создадени за да не успееме, туку за да живее идејата која донесе слобода, а слободата денес е платена со крв, пот, солзи и многу животи. Ете толку е скапо она што ни го донесоа двата Илиндена и толку е голема нашата обврска да успееме, рече Мицкоски.
Тој истакна дека ова се најтешките години од независноста до денес.
– Знам дека ова време се најтешките години од независноста до денес, но сетете се колку им било тешко на грамадните Илинденци да кренат востание против најголемата империја, и асномците да се борат против дотогаш најголемата воена сила. Голораки, против најголемите, но со срце пламено, со храброст грамадна, рече Мицкоски.
Додаде дека Илинден е на сите и затоа Македонија мора да биде земја за сите.