„Благодарам за присуството, би сакал на целиот македонски народ и на сите граѓани на Македонија да го честитам најголемиот празник 2-ри Август Илинден, денот на Илинденското востание, денот на почетокот на Крушевската Република, првата Република на Балканот, и денот на првото заседание на АСНОМ со кој што беа удрени темелите на македонската државност и држава кои што беа крунисани со 8-ми Септември како ден на независноста на Македонија“, кажа од Мечкин камен, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, кој ја предводеше партиската делегација на чествувањето во Крушево.
-Македонија и македонскиот народ имаат јасен, политичко историски континуитет кој што започнува некаде во 19-тиот век со преродбата, продолжува низ востанијата во 19-тиот век, кој што како круна го имаат Илинденското востание на почетокот на 20-тиот век и Крушевската Република, таа борба помеѓу двете светски војни во едно континуирано востание кое што се одвива на територија на цела географска Македонија, истакна Николовски.
Тој кажа дека во исто време би сакал да сподели горчливо чувство за тажната слика која, како што вели, денеска ја гледаме на Мечкин камен.
-За првпат после скоро осум децении традиционалната манифестација на Мечкин Камен не се случува заради хирот на власта, заради одлуката на власта да избега од сопствениот народ. За тоа што се свесни дека не можат да се соочат со народот, за тоа што како што самите кажуваат се уплашени од свирежите на народот. Тие свирежи се свирежи израз на гнев и на болка за сето она што и се случува на Македонија, национално обезличување, криминал, корупција и економско опустошување. За тоа е денес Мечкин Камен празен, за тоа власта бега од народот и за тоа измислуваат некакви си прослави кои што треба да се случат навечер без пригодни говори со некаква музичка манифестација и во некакви кралски манири каде што сите треба да чекорат позади еден, додаде потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој повтори дека партијата не се согласува со таквиот став на претседателот Пендаровски, па затоа решиле да дојдат на Мечкин Камен „како што е редот“, односно, како што вели, преку ден во периодот некаде после пладне кога секогаш се одржувала манифестацијата за прославата на Илинденското востание, да се поклонат пред хероите, да положат свежо цвеќе и да оддадат почит.