Претседателот Иванов денеска оствари средба со жителите на с. Жировница, каде го поздравија и изразија поддршка за неговата досегашна политика во однос на стратешките цели на Македонија, како и за неговата посветеност на интересите на граѓаните.
Претседателот Иванов пред жителите на Жировница ја претстави својата изборна програма и посочувајќи дека се што беше ветено пред пет години е доследно реализирано, ја побара довербата за нов петгодишен мандат.
Иванов го поздрави меѓуетничкиот соживот во Жировница, и посочи дека и во иднина доколку остане на функцијата Претседател ќе биде посветен на унапредување на македонскиот модел на соживот, бидејќи во него е силата на Македонија и единството на народот.
Иванов истакна дека благодарејќи на тимската работа и постојаните реформи со сите области, Република Македонија добива изглед на економски развиена и современа европска држава. Во таа насока беа поздравени напорите за основање на индустриски зони во овој регион и создавање можности за нови вработувања.
На средбата со граѓаните, претседателот Иванов беше запознаен со проектите кои ги спроведува локалната самоуправа со цел унапредување на севкупниот живот во Жировница, како и со тековната реализација на инфраструктурите проекти.
Посочувајќи ја важноста од соработката на централната и локалната власт, Иванов истакна дека и во иднина ќе ги поддржува сите проекти и иницијативи кои се во функција на задоволување на потребите на граѓаните во сите населени места.
По повод христијанскиот празник Свето Благовештение (Благовец), претседателот Иванов го посети и манастирот „Св. Јован Бигорски“.