САД ја обвинија Москва дека се под нејзино водство протестите на истокот на Украина, истовремено предлагајќи четиристран состанок меѓу Американците, Русите, Украинците и ЕУ.
Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен денеска во Париз изјави дека последните настани во источна Украина предизвикале сериозна загриженост во Алијансата и побара од Русија да ја деескалира ситуацијата. Тој предупреди дека секој натамошен чекор на Русија во источна Украина ќе претставува сериозна ескалација.
Украинскиот министер за внатрешни работи Арсен Аваков изјави дека во источниот град Харков била спроведена антитерористичка акција. Тој прецизирал дека притоа биле уапсени 70 сепаратисти поради заземањето на зградата на регионалната администрација. Веднаш потоа Русија го предупреди Киев дека секоја употреба на сила во источниот дел на Украина би можело да ја вовлече земјата во граѓанска војна.
Деновиве проруски активисти ги зазедоа зградите на локалната администрација во Харков, Доњецк и Луханск, прогласувајќи самостојни републики и барајќи референдум за припојување кон Русија.