Во избирачкото место 5050 во Државната изборна комисија (ДИК) денеска ќе гласаат 294 членови на избирачките одбори за спроведување на гласањето за претседателските избори во Дипломатско – конзуларните претставништва (ДКП) и конзуларните канцеларии на Република Македонија во странство. Оваа година првпат на претседателски избори ќе можат да гласаат и македонски државјани кои работат или престојуваат во странство.
За гласањето во дијаспората, што ќе се одржи в сабота на ден пред изборите, пријавени се 8.332 македонски државјани, од 70.305 запишани во избирачкиот список. Во ИЕ 7 (Европа и Африка) ќе можат да гласаат 5.892 македонски државјани (Европа и Африка), во ИЕ 8 (Северна и Јужна Америка)-1.426 и во ИЕ 9 (Австралија и Азија) – 1.014.
Гласање ќе има во 34 избирачки места во дијаспората, од вкупно 47. Нема да се гласа во 13 избирачки места бидејќи таму се пријавени помалку од 10 избирачи и тоа во Каиро, Атина, Доха, Талин, Варшава, Солун, Будимпешта, Тел Авив, Москва, Мадрид, Киев, Осло, Њу Делхи.
Во сабота исто така ќе гласаат и 39 внатрешно раселени лица, војниците, болните и немоќните лица, 1.706 лица кои се наоѓаат на издржување казна затвор и доколку се пријавиле лица во домашен притвор.
Петтите претседателски избори во Македонија ќе се одржат во недела на 13 април, додека предвремените парламентарни избори ќе се одржат на 27 април.