„Ветеното го исполнуваме. И затоа поднесуваме отчет. Минатиот пат ви поднесов отчет за тоа што сум го сработил во мојот мандат. Тоа го прави и Владата. Е по тоа се разликуваме од другите. Ви даваме програма – добиваме доверба – поднесуваме отчет“, рече претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓе Иванов, синоќа од Струмица.
– Секој може да забележи дека Македонија се менува. Но се менува на добро. Секој може во својот живот да почувствува каква промена се случува. Во секое семејство има нешто што се менува на добро. Така се гради Македонија. Така, кога ќе ја дадете довербата, барате од нас што сте не избрале, да се посветиме на Македонија. И работиме како тим. Секој во согласност со своите надлежности.
– Затоа ни треба континуитет. Да продолжиме заедно! Го знаеме патот до нови успеси и цврсто чекориме по него!
– Како држава изградивме јасен став по секое прашање. Ние сме еден тим и имаме заеднички став, и со заеднички глас настапуваме и дома и во странство.
– Имаме јасен став каде и е местото на Република Македонија. Знаеме кои се барањата и очекувањата на граѓаните. Тие сакаат да живеат во европска и евро-атлантска Македонија. Напорно работиме за да го оствариме тоа. И ќе го оствариме.
– Ниту Европската унија ниту НАТО не сакаат неподготвени држави како свои членки. Знаеме кои се нашите обврски, кои ги исполнуваме. Со напорни реформи ја создаваме Европската унија во Македонија. Затоа добивме и визна либерализација. Затоа добивме 5 позитивни извештаи од Европската комисија и 5 препораки за почеток на преговорите.
– Фондот за американски студии од Вашингтон, ми додели награда. Тоа е награда за Македонија. Тоа е награда за демократијата во Македонија. Тоа е награда за сето она што се прави во Македонија. Додека другите зборуваат, има кој гледа и го вреднува она што го правиме во Македонија. И тоа не радува. И тоа не охрабрува да продолжиме, со ист интензитет, да ја градиме и демократијата и економијата во Македонија. Признанијата ни доаѓаат и од Европската комисија како што кажав со позитивните извештаи, доаѓаат и од НАТО кој вели дека ги исполнивме сите услови за да бидеме членка на НАТО.
– Блокадата во нашите интеграции нема да не обесхрабри да продолжиме со успесите. Со реформи ја приближуваме Македонија кон Европската унија. И ќе градиме уште поконкурентна економија и уште поразвиена Македонија, истакна Иванов.