Државната изборна комисија, утрово од битолската печатница АД „Киро Дандаро“ почна да го презема и врши дистрибуцијата на избирачкиот материјал за претстојните претседателски избори што в недела ќе се одржат во Република Македонија. Од печатницата соопштуваат дека комплетниот избирачки материјал е испечатен квалитетно и во рок кој што го задала Државната изборна комисија.
Гласачкиот материјал ќе биде во функција на сите избирачи во единствениот избирачки список кој за годинешните претседателски избори во Република Македонија изнесува 1.779.572 граѓани со право на глас.
Како што е познато, според утврдената единствена листа на кандидат за претседател на Република Македонија, на гласачкиот лист под реден број 1 е Ѓорге Иванов, кандидат на ВМРО ДПМНЕ и коалиција „За подобра Македонија“, под реден број 2 е Илјаз Халими, кандидат на Демократска партија на Албанците-ДПА, под реден број 3 е Стево Пендаровски, кандидат на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија-СДСМ и под реден број 4 е Зоран Поповски, кандидат на група избирачи Граѓанска опција за Македонија-ГРОМ.