Разлика од преку илјада гласачи се појавила утрово во списоците на ДИК и на Општинската изборна комисија во Велес. Оваа информација ја потврди и претседателката на ОИК Велес Емилија Андовска. Според неа, ова е исправено, откако во списокот со помалку гласачи се внесени жителите кои живеат во странство, а кои во другиот список биле обележани со ѕвездичка. Две политички партии веќе реагираа на оваа отстапка.
Гласањето во Велес започна навреме и без инциденти. Сепак, како одминнува денот, се повеќе гласачи реагираат дека ги нема во списокот на избирачкото место, иако нивното име стои во избирачкиот список на ДИК.
– Досега сум гласал на сите избори од 2008 до лани. Пред неколку дена проверив на електронскиот избирачки список и моето име беше таму запишано. Изненадувањето следеше кога дојдов на моето избирачко место да гласам, но во списокот ме немаше. Се обратив до ОИК, а оттаму ме препратија во канцеларијата на ДИК во Велес, каде што по проверката, утврдија дека ме има во списокот.
Се вратив на моето избирачко место и на претседателот на избирачкото место му укажав дека по проверката во избирачкиот список во канцеларијата на ДИК во Велес, моето име го има и можам да гласам. Сепак, претседателката не ми дозволи и ме препрати во околните избирачки места да си го барам името во списокот. Проверив уште во две избирачки места, но и таму ме немаше, а на третото на кое се обратив, претседтелката не ми дозволи увид во списокот. Нејасно ми е како може ова да се случува? Како ќе го остварам своето избирачко право, прашува Велешанец кој не може да го исполни своето гласачко право.
Тој вели дека видел многу Велешани кои го имаат истиот проблем.
Инаку, до 10 часот во Велес на гласање излегле околу 15 проценти од запишаните 46 илјади 648 гласачи.