– Успеав да го избришам палецот едноставно, со марамче и малку стругање, вели за НОВА, господин Страхил Саздовски, кој утрово гласал во Основното училиште „Кочо Рацин“ на гласачкото место 2797.
Тој вели го направил тоа веднаш по гласањето, а истото го сторил и неговиот син. Се повеќе луѓе информираат дека мастилото се брише многу лесно.
Како што информираа од Граѓанската асоцијација МОСТ, случаи каде што се бришело мастилото од палецот на гласачите се забележани и во Куманово, Скопје, Гостивар и Кичево.
„На гласачките места 745, 746, 747, 774, 739 и 736 во општина Кичево и гласачкото место 409 во општина Гостивар видливото мастило се брише со влажни марамчиња и ацетон. Дополнително, процедурата на одбележување на палецот со видливото мастило не е спроведувана согласно закон, односно во неколку случаи мастилото е нанесувано само на ноктот на гласачот“, соопшти МОСТ.
Гласачите во Македонија за прв пат годинава се бележат со видливо мастило. На гласачкото место, по оствареното право на глас, на граѓаните со маркер им се обележува палецот на десната рака – по ивицата на подноктицата и ноктот.
Надлежните тврдеа дека трагата ќе трае 24 часа и нема да може да се избрише со алкохол, ацетон или други средства.
Се работи за брзосушечко, антиалергиско и безбедно мастило.