Над 80 медицински сестри останаа без работа како резултат на реформите во здравството кога матичните лекари од јавно здравство станаа концесионери. Тие останаа на улица кога матичните лекари кај кои работеле се пензионирале, го напуштиле јавното здравство или починале, а нив ниту еден закон не ги штити.
-Ние сме жртва на реформите во здравството, кога ординациите на матичните лекари се приватизираа. Медицинските сестри беа принудени да прифатат , а нас ни се заканија, доколку одбиеме да работиме со докторите концесионери дека ќе останеме на улица. Сега останавме без работа не по наша вина, изјави Роза Ристовска медицинска сестра од Куманово.
Организирани во здружение, тие се обраќале во Министерството за здравство, во Владата, на Денот на идеи, пишувале писма до институциите. Пред две години бил објавен јавен повик за враќање на медицинските сестри во ординациите. Тие велат дека Министерот Тодоров пред Нова година им ветил дека ниту една медицинска сестра нема да остане без работа, но велат, од тоа се уште нема ништо.
-Мојот случај не може да се реши. Кога конкурирам ми бараат просек од успех во училиште иако имам 25 години работен стаж. Волонтирам во брзата помош за 4500 денари колку да не ми ја исклучат струјата. Дома сме тројца, никој не работи, купувам леб од 10 денари, со солзи во очите раскажува Весна Мрмеска медицинска сестра од Прилеп.
Оставени на раб на егзистенција медицинските сестри велат дека новите вработувања се по партиски клуч, а тие немаат шанса да се вработат на новите конкурси.
Во Министерството за здравство признаваат дека грешката е направена со приватизацијата во 2006-та кога сите правата им се дадени на лекарите, но не и на медицинските сестри. Велат дека за да се ублажи состојбата во 2011 година направени се измени на законот за здравствена заштита во членот 318 каде се вели дека „доколку престане работниот однос на лекарот, наредниот носител на дејност задолжително мора да ја превземе и медицинската сестра“. Но, велат – работата оди тешко бидејќи нема заинтересирани лекари за ординациите кои не се доволно атрактивни, немаат економска исплатливост, има малку пациенти или се наоѓаат во рурални средини.
Повеќе на оваа тема гледајте во четврток во емисијата ПРОЦЕС на НОВА.