Директорката на Инфективната клиника, Милена Стевановиќ потврди дека пациентката на 15-годишна возраст која почина, била донесена во исклучително тешка здравствена состојба. Таа не била вакцинирана, а како што вели Стевановиќ, за неа нема детали поврзани за други хронични болести, барем според податоците кои ги добиле од родителот, таткото на пациентката.
-Меѓутоа станува збор за девојче кое е со прекумерна телесна тежина, сериозно обезна пациентка која сама по себе носи еден сериозен ризик од сериозна и тешка болест. На жалост, мајката на пациентката е почината од ковид непосредно пред префрлање на пациентката за лекување, изјави Стевановиќ.
Таа додаде дека пациентката, пред да биде примена на Инфективната клиника, била однесена во Тетово со многу брз развој на тешка клиничка слика и тераписки целосно биле лекувана, па веќе немало лек кој би можел да се додаде во лекувањето, со цел да се избегне смртниот исход.
-На жалост сведочиме еден голем број на пациенти кои многу несериозно ја сфаќаат болеста, па се лекуваат дома, во некои пријателски давања на инфузии, на витамини итн, вели Стевановиќ.
Таа апелира матичните лекари добро да ја пратат состојбата на пациентите, да го забележуваат развојот и промените во клиничката слика, за пациентите да бидат на време хоспитализирани.
-Навистина имаме работа со една сериозно тешка инфекција, навистина треба да бидеме многу сериозни. Младоста не не штити така како што сметавме и се надевавме на почетокот на епидемијата и ова е лекција којашто треба секој од нас да ја научи. Се што се презема и навремено се презема, па сепак не успеавме да го спречиме развојот на болеста и нејзините последици. Токму поради тоа, онаа стара изрека „Подобро да се спречи, отколку да се лечи” треба секој од нас да ја има, ненадевајќи се дека него болеста ќе го одмине. Мораме да апелираме дека, вакцинацијата е единствениот спас, порача доктор Стевановиќ.
Прашана за започнувањето на школската година, кога првите денови од школската година, учениците од Тетово, Гостивар, Кичево и Струга ќе ја почнат онлајн додека сите останати со физичко присуство, Стевановиќ напомена дека малолетничката ја нема добиено инфекцијата во училиште.
-Училиштата се подготвени со сите протоколи и еден многу висок процент од наставниците се вакцинирани, а она што исто така ни дава надеж и не смирува во смисла на експанзија на ширењето на инфекцијата точно поради почетокот на школската година е и фактот дека до 12 годишна возраст имаме навистина исклучително мал број на ученици кои се вакцинирани. Бројката на инфицирани деца е од 15 години нагоре, тоа е токму онаа популација која е многу активна, движи и другарува, заклучи директорката на Инфективната клиника.