„Граѓаните веруваат на спроведени реформи, а не во празни зборови и излитени фрази. Веруваат во она што гледаат дека е сработено: веруваат во новите фабрики, веруваат во новите работни места. Веруваат во автопатиштата кои се градат низ Македонија. Така се сака Македонија. Македонија се сака со дела, кога се градат нови училишта и нови факултети. Кога се градат спортски терени, но и болници“, истакна во својот говор на митингот во Пехчево, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за Претседател на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
– Помина времето кога политичарите се натпреваруваа само со зборови. Денес граѓаните успешноста ја мерат по бројот на отворени работни места. Овој тим, кој е предводен од премиерот Груевски, постави нови стандарди во политиката, за иднината на Македонија. Нема повеќе доверба за политичари кои немаат реална програма, кои не работат макотрпно, чесно, одговорно и кои не поднесуваат отчет.
– Ќе не паметат по тоа колку нови работни места сме отвориле во Македонија. Колку семејства се згрижени, колку земјоделци добиле субвенции, колку студенти добиле стипендии. По тоа ќе не паметат. Ќе не паметат по тоа што сме сработиле.
Изборите се денот кога се дава доверба. Но, изборите се и денот кога се презема одговорност. Да се работи напорно и на следните избори повторно да се даде отчет и повторно да се даде програма.
– Со сето она што е направено, се менува Македонија. Се менува Македонија кон подобро. Секое ново работно место значи уште едно посреќно семејство. Со секоја зголемена плата, се носи среќа во домот. Со секоја повисока пензија, имаме спокој за нашите пензионери. Со секое ново работно место, овозможуваме младите да живеат и да работат во Македонија, да создаваат семејства и да оставаат потомство. Затоа треба посветена работа. Посветена работа за Македонија, рече Иванов.
– И за мене и за премиерот Груевски и неговиот тим, нема ден за одмор, нема ден да запреме со нашата активност. За овие пет години видовте како се работи тимски и како институциите соработуваат, а не се конфронтираат. Институциите мора да продолжат да работат заедно. Да работат за доброто на цела Македонија. И за младите и за старите, и на невработените и вработените, и за земјоделците и за пензионерите, и за учениците и за студентите.
– Мора да постои разлика. Секој да почувствува дека во Македонија се подобрува животот. Се подобрува стандардот. Затоа ја давате вашата доверба. Затоа правите разлика. За овие години граѓаните знаат многу добро кој што направил за нив. Граѓаните бараат чесни луѓе во политиката. Бараат трудољубиви луѓе во политиката. Бараат искрени луѓе во политиката.
– Ние сме искрени со вас, излегуваме пред вас со реални и остварливи проекти. Не даваме збор за нешто што не можеме да го реализираме. Но, ви даваме и отчет за сето она што сме го сработиле, истакна меѓу другото Иванов.