Претседателот Иванов, заедно со претседателот на Владата Никола Груевски, денеска ја посетија Македонска Каменица, каде по повод Велики Петок , во црквата „ Успение на Пресвета Богородица “, присуствуваше на бдението со пеење на статии – Оплакување Христово.
На христијанските верници, претседателот Иванов им посака претстојните Велигденски празници да ги поминат во спокојство, мир, радост и семејна хармонија.
Во рамки на посетата, претседателот Иванов оствари средба и со младите од Македонска Каменица. Во разговорите беа разменети мислења околу севкупните предизвици со кои се соочуваат младите луѓе во процесот на образование и процесот на вработување.
Притоа, беа изнесени видувањата на младите во однос на перспективите и можностите кои ги нуди државата. Претседателот Иванов ги истакна своите заложби за обезбедување на сигурна и економски стабилна иднина за младите генерации, како и своите заложби во унапредување и создавање квалитетно образование на младите луѓе.
Младите од Македонска Каменица ја поздравија досегашната посветеност на претседателот Иванов на студентите и воопшто на младите генерации во Република Македонија.