„Прашуваат зошто се сретнав со Груевски? Се сретнав за да му кажам: ти си нивен газда и држи ги зауздани, бидејќи на 27-ми ќе се случи голема беља. Тоа беше причината за оваа средба. Повторно продолжуваат да прашуваат дали ќе бидеме во Владата? Од неделата почнаа да им даваат инфузии на нивните орди. Нема да бидете вие, некој друг ќе биде во владата – ДПА, која го има мандатот од народот, која ја ужива поддршката на народот“, рече лидерот на ДПА, Мендух Тачи, на изборен митинг.
„Ние не сме за бељи и братоубиство, не сме за конфликт меѓу Албанците, туку се ангажираме за позитивна кампања, промотивна, како што беше досега. Јас им гарантирам на граѓаните и ги повикувам на 27 април со достоинство и со граѓанско однесување, онака како беше досега, да излезат да гласаат и да им се стави крај на заплашувањата и заканите, да и стават крај на опцијата што уценува и се заканува“, рече Абдулаќим Адеми од ДУИ.
Според Адеми, ДПА ќе ја добие казната за ваквата реторика од албанските граѓани на 27 април, како што била казнета и на изборите во 2008 година.
Мендух Тачи и на митингот во општина Студеничани, повтори дека неговата партија ќе биде дел од идната Влада.
„Јас го прашувам, во која партија ќе влезеш ти Али? Нема влада за тебе. Тој господинот, твој и шеф на твојата група, Груевски, откако ве направи ‘партал‘, ви рече, како што рече Беким, ‘сликајте се‘, нема влада за вас. Јас имам обврска да му речам нему и на Македонците дека државните пари не треба да одат само во цркви и крстови, туку треба да дојдат и во џамии, медреси и во нашата култура. Ние не сме биолошки битија. Не сме дрва за да живееме од вода. Ние имаме душа. Нашата душа ја исполнуваат верата, Господ и идеалот на нацијата“, рече Тачи.
Тој ја обвини ДУИ дека на Албанците им го негира елементарното правото на глас, заканувајќи им се со бркање од работа и со одземање на социјалната помош.