Пишува: Мери Јордановска
Коалицијата „Излези да гласаш“ која имаше најголем број набљудувачи на претседателските избори (дури 5.000 лица), одбива да соопшти кои се нивните донатори. Од оваа коалиција, која тврди дека зад неа стојат 94 граѓански организации, освен донаторите, не ги соопштуваат ниту невладините организации кои стојат зад нив.
Според набљудувачи на изборите, во Велес била забележана лично Далиборка Златева, член на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Велес од Здружението на лица со церебрална парализа, како пред влезот на здружението на набљудувачите им делела акредитации, маички и флаери од коалицијата „Излези да гласаш“. Пред просторијата на здружението во Домот на невладини организации во Велес, набљудувачите чекале редови за да си земат акредитации, флаери и маички.
Златева, наспроти изјавите на очевидците, вели дека не е дел од коалицијата.
„Не, не сум дел од коалицијата „Излези да гласаш“, погрешна информација ви дале“, изјави членот на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Златева.
Единствена невладина организација која досега јавно се огласи дека стои зад коалицијата „Излези да гласаш“ е невладината „Синергија“ од Штип, чиј претседател е Вилма Јорданова. Како што веќе објави ТВ Нова, Синергија од Штип на јавен оглас бараше волонтери-набљудувачи за претседателските избори. Јованова, според документите од Централниот регистар се јавува како овластено лице на невладината Синергија. Јованова долго време е дел од оваа организација, а на позицијата советник во општината беше во претходниот советнички состав.
Оваа организација има соработувано на проекти и со градската библиотека и со општината Штип, а е корисник на грантови од Владата на РМ.
Јованова вели дека донаторите на „Излези да гласаш“ инсистирале да бидат анонимни, а граѓанските организации кои се дел од коалицијата, биле запишани во нивната лична архива.
„Донаторите не сакаа да бидат објавени. Сакаа да останат анонимни. Тие се само поддржувачи на народот во однос на едукација. Нашата определба е, без разлика за кого ќе гласате, само излезете да гласате. Ние сме само за излезност. Имаше донатори кои се политички определени, од двете страни, и затоа не сакаа да бидат објавени со име и со презиме. Многу индивидуални лица се, како и многу поголеми и помали компании“, вели Јорданова.
Таа вели дека за неа не е пречка што е член на ВМРО-ДПМНЕ и што воедно се јавува како предводник на коалицијата „Излези да гласаш“.
„Излези да гласаш“ е коалиција со најголем број набљудувачи од граѓанскиот сектор. Акредитирани се дури 5.000 набљудувачи. Граѓанската асоцијација МОСТ има акредитирано 580 набљудувачи, а „Цивил“ 113.
„Не е коректно да коментираме активности на други невладини организации, но доколку се точни само дел од наводите за тоа како функционира оваа коалиција, имаме сериозен проблем. Затоа, со најдобри намери, би требало да им укажеме дека огромната бројка набљудувачи сама по себе е дискутабилна. Во услови кога нема податоци за тоа кој е инволвиран, кои се донаторите и низа други податоци, се загрозува кредибилитетот и на другите набљудувачи во земјата. Доколку челни луѓе во една ваква операција се во тесна врска со некоја партија, имаме бомба во срцето на ситемот и загрозување на целиот изборен процес. Тоа не се однесува само на извештаите за јавноста, туку постои можност тие набљудувачи директно да влијаат на изборниот процес од внатре, со оглед на тоа што се акредитирани од ДИК. Ние уште минатата година, а уште повеќе оваа година, забележуваме дека набљудувачите на коалицијата предводена од Синергија – Штип не знаат точно од која организација доаѓаат, па даваат смешни одговори, а во неколку случаи се претставиле и како набљудувачи на Цивил. Тие не знаат што треба да прават, а имаме и индиции дека се во функција на агитатори, а не на набљудувачи. Најблаго речено, тоа не е коректно“, вели Џабир Дерала, претседател на „Цивил“.
Сите набљудувачи од граѓанскиот сектор на своето лого ги имаат објавено и донаторите, освен коалицијата „Излези да гласаш“.
Излези да гласаш“ на денот на првиот круг од претседателските избори беше присутна со чести соопштенија во кои информира дека гласањето се одвива „без неправилности и нарушувања на изборниот процес“.