Со вашиот глас потврдивте дека водиме исправна политика. Со вашиот глас потврдивте дека сето она што го работиме е во интерес на сите граѓани на Република Македонија. Со вашиот глас направивте разлика. Со вашиот глас препознавте, сето она што го работевме во изминатиот период, работејќи како тим, тим заедно за Македонија, рече во својот говор пред жителите на скопската населба Ѓорче Петров, претседателскиот кандидат Ѓорѓе Иванов.
– Помина времето кога им верувавме на политичарите само што зборуваа, што имаа празни ветувања. Граѓаните денес веруваат на дела, веруваат на она што го оставаме зад нас за идните поколенија. Веруваат затоа што се гради во Македонија.
– Покажавме дека со знаење, со принципиелни и одговорни политики ја водиме Македонија. Остваривме видливи резултати и тоа за време на голема светска економска криза и европска должничка криза.
– Не чекавме некој друг да работи за нас. Не чекавме друг да ни кажува што е приоритет, за граѓаните на Македонија. Не баравме одобрување од друг, сето она што го презедовме во овие изминати години. Бидејќи вашиот глас ни ја даде довербата за да работиме за вас, да мислиме за вас. Да мислиме за сето она што треба да им оставиме на нашите потомци.
Ни ја дадовте вашата доверба и не ја изневеривме таа доверба. Покажавме дека Македонија се сака со дела. И затоа граѓаните ја препознаа разликата.
– Разликата е во реформите. Реформите во секоја област од секојдневниот живот.
Разликата е во тоа што низ Македонија се градат автопатишта, се градат фабрики, се градат училишта, се градат болници, се градат нови спортски терени низ Македонија.
Разликата е во субвенциите што ги добиваат земјоделците. Разликата е во зголемените и во редовните пензии што ги добиваат пензионерите. Разликата е во зголемените плати што ги добиваат работниците. Но и социјалната помош за ранливите групи.
– Разликата е во поквалитетното и достапното образование за учениците. Разликата е во стипендиите што ги добиваат студентите.
– Разликата е во илјадници нови работни места кои се отвораат за нашите млади луѓе.
Затоа, помина времето на политичарите што само зборуваа. Помина времето на празни ветувања. Сменети се критериумите во политиката. Затоа вие тоа го вреднувате, тоа го наградувате. Политиката денес се мери по тоа колку нови работни места се создаваат. Колку се создаваат перспективи за идните поколенија.
– Работевме тимски, и постигнавме резултати. Но сите обврски што ги добивме со вашата доверба, ги исполнуваме. Тоа е прашање за чест.
– Она што го ветувам во мојата програма за втор мандат, произлегува од вашите потреби, од вашите барања, Мојата програма е напишана со вашиот глас, со вашите идеи.
Затоа повторно барам доверба за втор мандат. Во сите мои секојдневни обврски во изминатите пет години, покажав дека економијата ја ставам на исто место како и безбедноста и надворешната политика на Република Македонија, реќе меѓу другото Иванов.