Стотина граѓаните денеска ја блокираа улицата пред влезот во фабриката Макстил, револтирани од постојаниот чад од фабриката кој влегува во нивните домови. Протестираат поради, како што велат, континуираното труење, поради што е загрозено нивното здравје и здравјето на нивните деца.
-Што да ти кажам отрови, црнила, децата страдаат од бронхитис. Како имаат пари да финансираат кампањи, а немаат пари за филтри, вели револтиран граѓанин од населбата Железара.
Со пароли на кои пишува „Сакаме чист воздух“ , „Сакаме филтри“ на граѓаните им се придружија и невладини организации.
-Ова е собир на жители кои револтирани поради постојаниот чад и издувни гасови. Казните не се решени, туку дозволите и поставувањето на филтри. Не сакаме да ги ризикуваме животот и иднината на нашите деца и затоа бараме рокот да за поставување на филтри да не се прологира, изјави Жан Станоевски од Балкан нет Фондација.
Граѓаните се загрижени поради последната одлука на Министерството за животна средина, да го продолжи рокот за уште шест месеци за поставување на филтри на фабриката Макстил. Најголем дел од останатите големи гиганти веќе ги обезбедија потребните филтри.
-Не можам да сфатам како човек кој се кандидира за пратеник, да го труе народот, вели жител од населбата.
Една жена додава:
-Преку ден нема чад, ноќе е како во Чернобил. Прозорец не можеме да отвориме, стаклата се црвени, тоа е отров, раскажува таа за голготата низ која поминуваат во своите домови, поради загадувачот.
Три дена пред истекот на рокот на 1-ви април, до кога требаше да стават филтри за заштита од опасните ПМ честички, големите индустриски како Макстил и Југохром ДОО-Јегуновце побараа од Министерството за животна средина одложување на рокот.
Југохром Феролајн ДОО-Јегуновце побара пролонгирање на рокот од еден месец, а фабриката Макстил побара дополнителни осум месеци. Дотогаш компанијата планира да работи со една третина од капацитетите односно во втора и трета смена. Од компанија велат дека веќе е почната изградбата на систем за отпрашување, во кој се вложени 10 милиони евра.
Од Министерството за животна средина за НОВА велат дека тие само даваат предлог врз основа на барањето на Макстил, а одлуката за пролонгирање на рокот за дополнителни шест месеци ја има донесено Владата.