Со последните митинзи на партиите во предизборието вечерва на полноќ стапува на сила изборниот молк.
Во Република Македонија во недела ќе се одржи вториот круг од петтите претседателски избори и трети предвремени парламентарни избори.
На 3.480 избирачки места во земјата право на глас на претседателските избори имаат 1.779.572 избирачи, а во избирачкиот список за парламентарните избори се запишани 1.780.128 избирачи.
На избирачките места ќе има два извода од избирачкиот список, еден за парламентарните, а вториот за претседателските избори.
Право на глас на предвремените парламентарни избори имаат 1.780.128 граѓани.
Утре гласа дијаспората, затворениците, лицата во домашен притвор, внатрешно раселените лица и болните и немоќните лица.
За следење на претседателски и предвремените парламентарни избори се акредитирани преку 9.000 домашни и над 400 странски набљудувачи.