За време на кампањата заедно со тимот Македонија ги поминавме сите градови низ Македонија. Неколку пати. Бевме во многу села. Се сретнавме со илјадници граѓани на Република Македонија. Тоа што го почувствувавме на тие средби го видовме на 13 април. На 13 април имавме голема победа. Најава за новата двојна победа во недела, изјави Ѓорге Иванов, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за Претседател на Република Македонија.
Во изминатите пет години, бев вашиот глас. Каде и да одев, го зборував тоа што вие мене ми го пренесувавте. Пет години бев со граѓаните и затоа граѓаните на 13 април ми дадоа доверба.
Во изминатите пет години не заборавив кој ми ја даде довербата. И затоа работев за народот на Република Македонија. Зад секоја моја одлука, зад секој мој искажан збор, секој мој изнесен став, и во земјата и во странство, стојат интересите на сите граѓани на Република Македонија. Затоа можев да кажам дека нема да дозволам да се зборува за нас – без нас. Дека нема да дозволам да се одлучува за нас – без нас. Затоа можев да ги спречам намерите преку грбот на Македонија да се поткусуруваат интересите на балканските држави, а цената да ја плаќа Македонија. Кажавме не – доста е. Имаме своја држава и мора да си ја почитуваме својата држава.
Слушајќи го вашиот глас кажав дека нема да прифатам промена на Уставот на Република Македонија, со цел промена на уставното име. Кажав во името на вашиот глас дека не прифаќам идеи, предлози што би му наштетиле на македонскиот национален интерес на македонскиот јазик, на македонскиот модел на соживот. Гласно кажав и во Обединетите нации и во Брисел и на сите меѓународни собири, дека нема ниту една држава, нема ниту една влада, ниту една сила, што може да им го спори правото на Македонците да бидат Македонци.
Во изминативе 5 години, покажавме како треба да функционираат институциите во Република Македонија. Не дека треба, туку мора да соработуваат. Мора да има заедништво во државата. Покажавме кога соработуваме и претседателот и премиерот, кога соработуваат и пратениците и советниците, и градоначалниците и министрите, тогаш резултатите се видливи. Покажавме кога се работи заедно се менува Македонија. Се менува на добро.
Затоа гледаме земјоделци кои се задоволни во Македонија. Задоволни се земјоделците затоа што субвенциите им го менуваат нивниот живот.
Гледаме родители кои се задоволни што нивните деца имаат квалитетно образование, имаат бесплатни учебници, имаат компјутери, имаат интернет.
Гледаме пензионери кои се задоволни, затоа што, не само што редовно доаѓаат пензиите, туку и се зголемуваат.
Гледаме спортисти, и тимови кои победуваат. Тимови кои на своите дресови го носат македонското знаме, гордоста на Македонија. Тоа што го работат спортистите го работиме и ние. Работиме тимски, напорно. И затоа резултатите се видливи.
Има уште многу многу за работа. Има уште предизвици со кои ќе се соочуваме. Но кога сме обединети, кога сме единствени, кога сме посветени на квалитетниот живот на граѓаните во Македонија, тоа граѓаните знаат да го препознаат и тоа и го почитуваат и на избори за тоа не наградуваат. Ни ја даваат својата доверба.
Поставивме нови стандарди во македонската политика. Покажавме дека треба да се биде чесен, треба да се биде искрен. Да се биде искрен кон својот народ. Да се кажува она што може да се исполни. Затоа што доаѓаа и нови избори. Пред секои избори треба да се поднесе отчет, и да се каже што е сработеното. Тоа е новиот квалитет во политиката во Македонија. И затоа имаме чист образ повторно да доаѓаме и повторно да бараме доверба. Доверба за новите програми, кои произлегуваат од вашите потреби, кои произлегуваат од вашите проблеми.
Сите реформи што ги направивме, сите закони што ги донесовме, беа со цел Македонија да стане земја привлечна за странски и за домашни инвестиции. Покажавме кога се работи тимски, тоа знаат да го препознаат и меѓународните фактори. Видовме дека тогаш економијата во државата ни расте. А кога расте економијата, се расте во државата. Растат и платите и субвенциите, и стипендиите и пензиите. Се расте во државата. Но едно нешто се намалува, се намалува невработеноста. И затоа тимот предводен од премиерот Груевски заслужува честитки. Што во услови на најголема криза, светска криза, се отворија 120 илјади нови работни места, и се најавуваат нови 64 илјади работни места. По тоа се мери денес политиката и кај нас и во светот. Кој, колку нови работни места отвора, кој колку многу семејства ги прави среќни.
Сите наши обврски ги реализиравме. Секој во својот домен. И затоа имавме пет позитивни извештаи од Европската Унија и пет препораки за почеток на преговорите. Затоа имаме исполнети услови за членка на НАТО. Се надевам дека, како што велеа нашите предци, а јас го користам и го цитирам „што е наше ќе си дојде“ ќе бидеме и членка на Европската унија и членка на НАТО.
Не очекува недела. Недела е ден на избори. Овие избори се сосем различни од другите избори. Не само што се двојни избори и претседателски и парламентарни, овие избори се избори од кои се одредува иднината на Република Македонија. Од резултатите на овие избори зависи каква Македонија ќе имаме.
Во изминатите 23 години видовте што се се одлучува на избори. И што следува после избори. Видовме после секои локални избори, парламентарни и претседателски избори каква беше Македонија.
Но нашите граѓани за овие 23 години, знаат да направат разлика. Тоа го покажаа на 13 април. Очекуваме уште помасовно во недела да излеземе, и да гласаме, затоа што секој ваш глас за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија, секој глас за мене како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија е глас за самите вас, глас за вашите семејства, глас за вашите општини, глас за Македонија. За успешна Македонија! Македонија која успева, и Македонија во која секој може да успее. Можевме во Велес, можеме и во Македонија, да направиме огромна разлика, како што направивме 123 илјади гласови разлика на 13 април, уште поголема разлика да направиме сега во недела.
Очекувам масовно да излезете и да гласате. Секој ваш глас е глас за Македонија, за иднината на Македонија. И во понеделник да кажеме дека Македонија напредува по патот на успехот. Македонија напредува заедно и сложно. Македонија е почитувана земја. Македонија е земја во која сите сме ние Македонија. И Македонци, и Албанци, и Турци, и Роми и Власи, и Срби, и Бошњаци, сите сме Македонија.
Затоа сите заедно да излеземе и да гласаме. На избори вие ја давате довербата, вие ја одземате довербата. На избори вие наградувате, на избори вие казнувате, изјави Ѓорге Иванов, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за Претседател на Република Македонија.