Првата дебата од вкупно 7 за избор на претседател на Европската комисија (ЕК) се одржува вечерва во Мастрихт со почеток во 19 часот. На неа ќе учествуваат 6 кандидати од 5 политички групи во Европскиот парламент (ЕП): германскиот социјалист Мартин Шулц, демо-христијанскиот Луксембуржанец Жан-Клод Јункер, белгискиот либерал Ги Верхофштад, Гркот Алексис Ципрас за радикалната левица и конечно зелените кои имаат двајца кандидати – Французот Жозе Бове и Германката Ска Келер.
Од седумте дебати во четири ќе се соочат сите кандидати а во три кандидатите на најголемите партии – Шулц од социјалистите и Јункер од демо-христијаните.
Овие европски избори се одржуваат од 22 до 25 мај во сите земји членки и се првите кои имаат директно влијание врз изборот на следниот прв човек на ЕК. Тојќе биде избиран од победничката партија на изборите што досега не беше сосема случај. Партиите кандидираа политичари за кои сметаат дека ќе го привлечат вниманието на гласачите и дека ќе ги натераат да излезат на гласање. Веќе одамна во најголем број европски земји учеството на европските избори е многу ниско.
Изборните дебати ќе бидат пренесувани од голем број национални телевизии во земјите членки на ЕУ а темите околу кои ќе се разговара се оние ги загрижуваат Европјаните: вработеност, енергија, економија но и визијата за иднината на ЕУ.
За дебатите се утврдени правила за времето за зборување и реплицирање како и тоа дали се седи или стои, кој и кога со кого ќе се ракува итн. Важно прашање на овие дебати, а важно и за првиот човек на идната ЕК, е неговото/нејзиното познавање на јазици така што секој/а кандидат/ка ќе се обиде да покаже колку јазици знае.
Повеќе од 20 национални телевизии ќе ја пренесуваат вечерашната дебата.
Главната дебата сепак се одржува на 15 мај па и за неа телевизиите изразија интерес да ги пренесат. Изненадување беше најавата дека француската државна телевизија Франс Телевизион одлучила да не ја пренесува оваа дебата на малите екрани туку само на нејзиниот интернет сајт. Ова одбивање за директен пренос на дебатата ги иритира француските социјалисти кои очекуваат дека тоа соочување е добра прилика да се конфронтираат позициите на социјалистите и демо-христијаните кои во два мандати ги претставуваше Хозе Мануел Баросо во ЕК.
Реакцијата на француската телевизија отвора полемика. Пред две недели истата телевизија организирапе дебата со лидерката на екстремно десниот Фрн Натионал Марин Ле Пен во емисијата “Зборови и дела”. Принципот на дебата е соочување на главниот гостин со повеќе политичари од други партии или познати аналитичари. На Ле Пен и беше предложено да се соочи со Германецот Мартин Шулц но таа ја одби дебата со овој социјалист кои, рековме, е кандидат за претседател на ЕК.
За заинтересираните, вечерашната дебата ќе биде живо пренесувана на телевизијата Еуроњус, на Твитер може да се следи на #EUdebate2014 а на Фесјбук на страната EU debate.