СДСМ има неколку опции за делување со најавата дека не сакаат да прифатат пратенички мандати од Собранието, како и тоа дека не поднесуваат приговори до ДИК, анализира за НОВА проф. Светомир Шкариќ.
Нивниот клучен аргумент според досегашните образложенија е систематски грабеж и тежок фалсификат низ целиот изборен процес, претходно, за време на изборите и по нив, заради кој и најавија непризнавање на изборите, вели проф. Шкариќ.
– Што се однесува до одбивањето на СДСМ да поднесе приговори до ДИК и образложението зошто одбиваат- дека претходно поднеле 170 претставки и ниту една не е прифатена или воопшто и не биле разгледани, е знак дека целиот изборен систем е блокиран одвнатре.
Токму заради тоа треба внимателно да се чита и соопштението на ОБСЕ, САД и ЕУ, кога говорат за диспропорционалности во поширокиот изборен систем и бараат реформи.
Интенцијата на меѓународната заедница е да помогне и им честитам. Тие диспропорционалности и неправилности кои ги детектираат странските фактори не може да ги отстрани власта и затоа е неопходна конструктивна соработка со опозицијата, за што говори и меѓународната заедница во нивното заедничко соопштение, и нивната помош е неопходна, објаснува проф. Шкариќ.
-Ваквата блокада на изборниот процес за која алармира опозицијата значи дека нема легитимитет самиот изборен процес, затоа што не постои дух на слобода, рамноправност и еднаквост меѓу актерите во изборите, општеството и демократијата.
Тие примери дека не постои рамноправност, фер и демократски изборен процес се воочливи и самата ОБСЕ ги нотира, кога станува збор за претопување на државата со партијата или случајот на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска која требала да се повлече од својата министерска функција, затоа што во исто време беше носител на листа и активно учествуваше во кампањата. Кај нас страста за победа е посилна од се останато.
Затоа не случајно опозицијата бара помош однадвор, од странскиот фактор, затоа што е невозможно поинаку да се реши овој дисбаланс и нерамноправност а потребна им е помошта и да се сочува демократскиот дух.
Не е демократски дух ако едниот актер, како што е опозицијата, алармира дека нема праведност за граѓаните во изборите: има поткуп, дезинформации и манипулации и бара слободни и фер избори да имаат граѓаните.
Нивната најава дека нема да прифатат пратенички мандати значи дека воопшто нема ни да ги подигнат уверенијата за пратеници од ДИК, објаснува проф. Шкариќ.
-Доколку најавеа оставки на пратеничките места, значи дека земале уверенија од ДИК и подоцна, во Собранието ги поднеле оставките. Доколку воопшто пак не се појават во Собранието, верификационата комисија нема да може да се изјасни за нивните мандати.
Во случај на празнина на опозицијата во Собранието, сепак може да функционира самото Собрание, но потегот на СДСМ значи оспорување на легитимитетот на мнозинството кое добило на избори, но СДСМ јасно вели- во прашање е отсуство на слободни и фер избори.
Затоа што, легалитетот на мнозинството- добиле на избори не значи и легитимитет- затоа што тие избори не се признаваат како слободни и фер. Затоа е потребна дебата за демократскиот дух, за што говорат ОБСЕ, САД и ЕУ.
Смислата на изборите не е во тоа да бидат ефикасни, туку демократски, фер и слободни. Легитимитетот е кршлив и чувствителен и се топи ако не се остварат ветувањата на власта дадени на изборите, вели проф. Шкариќ.
-СДСМ има различни опции за делување и да не ги земе мандатите. Прашањето за техничка влада која ја бара СДСМ не е предвидена во Уставот како институт. Таква одредба би требало да имаме, за разлика од, на пример, Бугарија, која има законско решение и таа влада се нарекува службеничка, кога администрацијата е регрутирана, односно технократските државни службеници, но тоа значи дека таа бирократија е со интегритет и непрострасност и функционира во случај кога постои непратизирана државна администрација, која кај нас ја нема, вели проф Шкариќ за НОВА.