Работниците се нудат како евтина работна сила, како робови од страна на државата, со што се стимулираат инвеститорите да им дадат плати пониски од минималните, како што е случајот со „Дрекселмаер“, вели за НОВА , професорот Здравко Савевски од левичарското движење „Солидарност“
Работниците во Македонија имаат најниски минимални плати од сите земји во регионот, како и најмали просечни плати со исклучок на Косово за каде што нема податоци, покажало истражувањето на Здружението за граѓанско општество„8-ми Септември“.
-Во Македонија платите се движат од 8000 до 9000 денари, а во кожарската и текстилната индустрија дури и по 6000 денари. Не се вреднува трудот на работникот, скратени се работничките права, изјави за НОВА, Џелал Хоџиќ од „8-ми Септември.“
Македонија стана мека за привлекување на странски инвестиции. Скапите реклами во странските медиуми се само дел од трескавичната борба на Владата да се привлечат странските компании велат експертите. Дури и на англиската верзија на веб страната на Кабинетот на министерот Веле Самак, во секторот за привлекување на странски инвестиции, стои „дека Македонија е конкурентна како Кина во производство, а како Индија во однос на услугите.“
Дали ова значи дека Македонија станува земја на евтина работна рака, слично како спомнатите земји каде што големите компании ги селат своите погони.
Целата стратегија на привлекување на странски инвестиции е поставена на погрешна основа , вели за НОВА, професорот Здравко Савевски , член на левичарското движење „Солидарност“.
-Работниците се нудат како евтина работна сила, како робови од страна на државата, со што се стимулираат инвеститорите да им дадат плати пониски од минималните, а со тоа се крши Законот за минимална плата, како што е случајот со „Дрекселмаер“ на пример.. Наместо, Владата да ги рекламира работниците како робови, треба да се насочи кон обновување на патната структура, што е голем проблем за инвеститорите, објаснува Савевски.
Тој вели дека работодавците го изигруваат Законот за минимална плата, или се случува формално да го почитуваат, а потоа бараат работниците да им враќаат по 2000-3000 денари од платата или пак, ги пријавуваат на половина плата.
-Казните се смешни. Кога ќе се констатира непочитување на Законот, работодавецот се повикува на едукација, а дури потоа доколку се констатира прекршок во некоја друга фаза, се казнува со 6000 евра, вели Савевски.
Во Солидарност велат дека немаат податок за тоа дека некој работадавец воопшто е казнет заради изигрување на Законот.
И во Сојузот на синдикати на Македонија потврдуваат дека нема казнети работодавци, бидејќи како што велат, немало пријави од работници. Според податоците на ССМ , минатиот месец 8 проценти од работниците не добиле минималната плата, а овој месец 1, 3 проценти.
-Инспекцијата прави контроли, но кај нас пријави од работници нема. Работниците треба да ни достават докази за кршење на Законот, за да ние превземеме мерки и да покренеме тужба, изјави за НОВА, Анѓелко Анѓелковски секретар на ССМ.
Голем број на компании од типот на „Џонсон Контролс“, „Џонсон Мети“, „Кемет Електроникс“, „Дрекселмаер“, „Ван Хул“, влегоа со свои инвестииции во Македонија. Компаниите и на огласите за вработување нудат минимални плати. Во ситуација на голема безработица, граѓаните прифаќаат да работат за овие плати, како евтина работна сила.
Токму еден од аргументите на оваа Влада за привлекување на странски инвестиции беше евтината работна сила вели, Хоџиќ.
-Во Македонија најголема плата на работодавец е 80 000 евра, а најмала на работниците е 8000 денари. Токму политиката на рамен данок во нашата држава овозможува богатите да станат уште побогати, а сиромашните посиромашни, потенцира, Хоџиќ.
Деновиве големо незадоволство има меѓу работниците во рудниците „Тораница“ во Крива Паланка и „Злетово“ во Пробиштип, кои се во сопственост на фирмата „Индо минерали и метали“ . Тие велат дека наместо да добијат цела плата за март добиле само по 8000 денари. Рударите се револтирани и од условите за работа и најавуваат дека незадоволството може да резултира со генерален штрајк.
„Ни рекоа дека сите ќе добиеме по 8.000 денари, а дополнително ќе ни биде исплатен и остатокот од платата. Отворено ни кажаа, кој сака да работи добро, кој не, нека си оди, вели вработен во рудникот „Тораница“ за неделникот Фокус.
Дел од вработените во „Тораница“, и покрај стравот од отказ, неодамна поднеле и тужби, за неплатен минат труд, а судот одлучил во нивна корист. По позитивната одлука на судот, на ваков чекор се одлучиле и други вработени, кои во моментот ги подготвуваат тужбите.
И покрај ваквата сериозна состојба со загрозување на работничките права, ССМ на „Денот на трудот“ не се придружува на протестот на граѓанските организации и независните синдикати, туку ќе излезат да си ги промовираат своите активности во врска со измените на Законот за безбедност и здравје во делот на информирањето.