Со почетокот на академската година, стартуваа и новите правила и протоколи на работа и учење кај студентите. И додека на дел од факултетите наставата се одвива онлајн, оние студенти кои присуствуваат на предавање физички, мора да приложат сертификат за вакцинација против Ковид 19.
Токму поради таа причина, од почетокот на септември, Министерството за здравство овозможи да биде отворен вакцинален пункт за Ковид-19 и за студентите. Секој работен ден од 8 до 14 часот во кампусот на приземјето на Економскиот факултет во Скопје се вакцинираат по околу десеттина студенти.
Лекарката Ангела Димитриевска, која е дел од медицинскиот персонал, очекува дека бројката на студенти кои ќе дојдат да се евакцинираат ќе се зголеми со почетокот на новата академска година.
– Вакциналниот пункт е отворен од 9 септември. Освен студентите на УКИМ и вработените, на овој вакцинален пункт може да се вакцинираат и сите заинтересирани граѓани кои ќе дојдат, изјави Димитриевска.
Според неа, на почетокот од отворањето на вакциналниот пункт имале само Синовак и Фајзер вакцини каде студентите сами бирале со која вакцина ќе се вакцинираат, додека сега вакцинацијата се одвива исклучиво со вакцината Фајзер.
– При посетата на вакциналниот пункт, младите најмногу се интересираат за нус појавите од самата вакцина, а одбираат да се вакцинираат токму овде ради помалата гужва која ја има на самиот пункт, појаснува Димитриевска.
Инаку, според новите протоколи ради корона вирусот, на поголемите факултети, каде што има и поголем број студенти и не може да се обезбеди целосно почитување на протоколите, наставата ќе се одвива онлајн, или пак студентите ќе бидат поделени во помали групи за да може да ја следат со физичко присуство.
На дел од факултетите наставата ќе биде целосно со физичко присуство, а некаде ќе биде комбинирана, односно дел со наставата ќе биде на далечина, а дел со физичко присуство според потребите на наставната програма.
Според здравствени службеници, повеќето нови случаи на заразени со коронавирус се пријавени кај млади луѓе, кај кои постои многу помала веројатност од сериозни последици. За разлика од порано, кога се заразуваа претежно повозрасни лица, сега има заразени млади лица на возраст од 20 до 29 години.
Според официјалните бројки од Министерството за здравство, досега со втора доза се вакцинирале 38.977 адолесценти од 18 до 23 годишна возраст.
И.Р.