Дејан Ставриќ, познатиот очен хирург пред неколку месеци си замина од јавното здравство и започна да работи во приватната поликлиника „Корнеа Медика“. Но, она по што особено е познат во јавноста, е штрајкот на лекарите кој траеше цели 52 дена, а беше во организација на неколку лекари и тој, како прв човек на синдикатот на скопските клиники.
Веднаш штом си замина од оваа функција, Ставриќ нагласи дека додека не се организира редовен Конгрес за избор на нов претседател, со Синдикатот ќе раководат двајцата потпретседатели. Во последната изјава дадена за НОВА во средина на април, Ставриќ предупреди дека таму веќе се случуваат превирања и лобирања во корист на познат абдоменален хирург, кој беше дел од штрајкувачите.
-Власта сака да влезе во Синдикатот и да постави свој човек за претседател кој ќе го води во наредните четири години. Очигледно на партијата на власт и се брза за да влезе во синдикатот преку него. Тој човек покажа партиско влијание иако беше дел од штрајкувачите, изјави тогаш за НОВА, Ставриќ.
Синдикатот на Клиничкиот блок има 3800 членови не само од скопските клиники туку од здравствените установи од цела Македонија. Откако по судски пат им беше забрането да протестираат, затоа што, според судството, имало правни недостатоци во нивната штрајкувачка одлука, и по неколку средби со министерот за здравство, Никола Тодоров, од кои на третата тој демонстративно го напушти состанокот, Синдикатот во ноември 2012 година започна со штрајк на лекарите, кои во најстудените месеци од годината штрајкуваа цели 52 дена.
Иако не успеа до крај да ги реализира барањата за зголемување на платите и корекција на проектот „работа по учиник“ синдикатот изврши силно влијание преку штрајкот, а штрајкувачкиот одбор и организаторите станаа трн во око на актуелната власт. И по прекинувањето на преговорите, откако многу од лекарите се повлекоа уплашени за своите работни места, Ставриќ продолжи да и пркоси на власта и отворено зборуваше за проблемите. Тој беше единствениот лекар кој не одбиваше да даде изјава, да го искаже незадоволството на лекарите од реформите кои се случуваат во здравството.
Ставриќ постојано апелираше дека мора да се зголемат буџетите на болниците со цел да се зголеми и бројот на здравствени услуги за да нема огромни листи на чекање, за операции и прегледи.
-На нашата Клиника листата на чекање за операции на очите се движат од една до шест години. Мојата листа на чекање е шест години, изјави во едно интервју за НОВА, Ставриќ.
Во таа прилика Ставриќ потенцираше дека има силни притисоци, политички влијанија и обиди да се разедини Синдикатот.
-Морам да нагласам дека Синдикатот мора да се ослободи од политичките влијанија бидејќи во спротивно ќе стане инструмент на власта или на опозицијата бидејќи ние ги застапуваме интересите на вработените. Доколку не најдеме сила да се ослободиме од партиските влијанија јас лично ќе го напуштам Синдикатот, зашто тогаш не би имало поента нашето делување, изјави тогаш Ставриќ.
Неофицијално, доктор Дејан Ставриќ попладнево бил уапсен за дело поврзано со корупција.
Од МВР се уште нема официјална потврда за идентитетот на лекарот, но сепак потврдија дека е приведен лекар за коруптивно дело и повеќе детали најавија за утре.