Во понеделник во Македонија ќе биде свечено инаугурирана фабриката за производство на автобуси, белгиска инвестиција на фирмата “Ван Хол”. На свеченоста на отворањето на фабриката е предвидено обраќање на премиерот Груевски и на газдата на “Ван Хол” Филип Ван Хол.
Според Дирк Сноуварт, портпарол на фабриката во Белгија, македонската производна линија работи веќе од 2012 година но свеченоста на отварањето е предвидена за 12 мај. Фабриката во Македонија веќе произвела 125 автобуси кои се наменети за американскиот пазар.
“Работата во Македонија се одвива непречено и досега, наместо 100 автобуси колку што планиравме, произведовме 125. Морам да ви кажам дека сме воодушевени од нашето македонско искуство и од сите контакти што ги имавме во земјата со вработените, конструкторите и владата”. вели за НОВА портпаролот на фабриката.
Ова е прв пат “Ван Хол” да гради фабрика во една странска земја а две фабрики за автобуси фирмата има изградено во Белгија. Во Македонија “Ван Хол” вработува 430 лица додека во Белгија се вработени 4.000 луѓе.
Оваа инвестиција во белгискиот печат се толкува како за заштеда за фирмата. Во Македонија “платите се 80 отсто пониски отколку во Белгија. Со време фирмата има амбиција да произведува во Македонија исто толку автобуси колку што произведува во Белгија”, пишува дневниот весник “Де Тејд”.
Белгиската фабрика нема да биде проширена и македонската инвестиција нема да донесе отпуштања во Белгија, ветува Ван Хол за белгискиот дневник. Но тој признава дека во Белгија фабриката дошла до својот лимит: “Без нашата македонска фабрика фирмата не би можела да преживее”, вели тој.
Според портпаролот со кој НОВА зборуваше огромната разлика во платите помеѓу Белгија и Македонија не е единствената причина поради која Ван Хол решил да инвестира кај нас : “Во Македонија најдовме исто така големо искуство во производството на автобуси”.
Инвестицијата во Македонија изнесува 40 милиони евра и се планира годинава да се произведат 300 автобуси а во 2015 година дури 500.
Веста за делокализирањето на фабриката во Македонија предизвика многу коментари на социјалните мрежи. Тие главно искажуваат незадоволство поради производството на автобуси во Македонија каде што платите се 80 отсто пониски. Во Белгија за десет дена се одржуваат парламентарни избори па корисниците на социјалните мрежи сметаат дека владата мора да стори нешто за да го сопре заминувањето на белгискиот капитал во странство. “Нека им ги намалат платите на еврократите за 80 отсто па веднаш ќе има стане јасно за што станува збор!”, вели еден Фесјбуковец. “Кога политичарите ќе сфатат дека високите социјалните трошоци за работодавачите ја убиваат белгиската економија?”, се прашува Емануел кој го одобрува чекорот на “Ван Хол”, додека Алберт вели дека “македонските работници доаѓаат кај нас затоа што овде се подобро платени а нашите фирми одат кај нив за да плаќаат помалку”.