Извештајот доаѓа во контекст на неодамнешниот Самит на Европската унија за Западен Балкан, каде се даде недвосмислена поддршка за европерспективата на регионот, кажа евроамбасадорот во земајва, Дејвид Гир. Тој додаде дека во однос на Северна Македонија, според Извештајот, земјата продолжува да ги исполнува условите за почеток на преговрои и е важно што државата одржува постојан чекор за реформите.
-Важен е е еланот во овие реформи, особено во делот на борбата против корупцијата. Одржливоста на структурните реформи е постојан процес кој ќе бара ангажирање од повеќе чинители. Извештајот покажува дека до 96% е усогласеноста со надворешно-безбедносните политика на Унијата, изјави Гир.
Според него во однос на почетокот на преговорите, било потврдено дека одложувањето на преговорите има негативно влијание за кредибилитетот на ЕУ.
-Прашањата меѓу Северна Македонија и Бугарија треба да се решат и се нагласува продолжувањето на имплементациите на договорите со Бугарија и Грција. Комисијата исто така вели дека во согласност со заклучоците ЕК ја чека првата меѓувладина конференција пред крајот на годината, информира Гир.
Тој, презентирајќи ги заклучоците од Извештајот потенцира дека иако е постигнат „умерен напредок“ треба се уште да се донесат клучни закони од областа на правосудството, да продолжат напорите за јакнење на Државната комисија за спречување корупција, но и да се имплементираат препораките на ОБСЕ/ОДИХР во областа на изборното законодавство.
-Се забележува и дека има напредок во медиумската сфера и можности за критички осврт, но потребно е да се зајакнат професионалните стандарди преку процесот на саморегулација, истакна Гир.
Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров повтори дека се исполнети критериуми за почеток на преговорите и оцени дека земјата има поставено исклучително темпо во спроведувањето на реформите.
-Во Извештајот се вели дека имаме високо ниво на вкупна подготвеност за членство, рече Димитров.
Тој додаде дека се потешко и се верува во регионот на ЕУ и дека во првиот кластер – „фундаменти“, средната оценка за Северна Македонија е 3,02, што е подобро дури и во однос на земјите кои веќе преговараат со ЕУ, како Србија и Црна Гора.
Вицепремиерот нагласи дека почетокот на преговори би претставувал дополнителен политички поттик за спроведување подлабински реформи.
-Имаме поголем напредок во 29 области од вкупно 39 области, а во останатите десет имаме помал напредок во споредба со претходниот Извештај, кажа Димитров.