Германската канцеларка Меркел и францускиот претседател Оланд зборуваа со новинарите, откако претходно беше објавена заедничката изјава во која се нагласува дека ќе има „соодветни последици“ доколку има проблеми со изборите во Украина. Меркел на новинарите им изјави дека ако изборите на 25 мај пропаднат, тогаш „сме подготвени да преземеме дополнителни санкции против Русија“.
Во заедничката изјава на двајцата лидери стои: „Ако нема меѓународно признаени претседателски избори, тоа неизбежно ќе доведе до понатамошна дестабилизација на земјата. Германија и Франција се договорени дека ако тоа се случи, тогаш ќе следуваат соодветни последици како што е нагласено од Европскиот совет на 06.03.2014 година“.
Таквата формулација јасно се однесува на третата фаза од санкциите, а посебно економските санкции против Русија, за кои се договорија лидерите од ЕУ на нивниот состанок на 6 март.
Истовремено, и Германија и Франција ги повикуваат двете страни да ги разоружаат нерегуларните сили под покровителство на ОБСЕ и најдоцна до 15 мај. Сите страни во конфликтот во Украина се повикани да прекинат со актите на насилство. Меркел рече дека рускиот претседател Владимир Путин мора да испрати „повеќе сигнали за деескалација“, со цел да помогне да се смири ситуацијата во Украина.
Украинската криза е во фокусот на дводневната посета на францускиот претседател Франсоа Оланд на Германија. Меркел и Оланд се согласни дека се нелегитимни за утре закажаните референдуми за суверенитет на два проблематични региони во истокот на Украина. Бунтовниците решија да го спроведат референдумот и покрај тоа што Путин ги повика во средата (07.05.) да го одложат гласањето.
Извор: Дојче Веле на македонски јазик