Речиси 90 отсто од гласачите на вчерашниот референдум во источниот украински регион Доњецк се изјасниле за независност од Киев, известил претставник на изборната комисија. Според Роман Љагин, над 89 отсто од гласачите гласале за, пренесува Итар Тасс.
Никаква независна проверка на резултатите не е можна, бидејќи тие не биле проследени од неутрални набљудувачи и медиуми, на кои им бил забранет пристапот.
Официјален Киев и Западот стравуваат дека по референдумот во Доњецк и Луганск ќе следи сценарио какво што во март се случи на полуостровот Крим кој по референдумот беше припоен кон Русија, што ја предизвика најдлабоката криза меѓу Западот и Русија по Студената војна.
Голем број детонации од артилериска муниција одекнале утринава во Славјанск, упориштето на оружениот бунт на истокот на Украина каде контроверзниот референдум за независност завршил исто така со масовно „да“ на населението.
Судирите продолжиле во селото Андреевка на „фронтовската линија“ на јужниот дел од градот со 110.000 жители, кое е целосно опколено со украински сили кои таму на 2 мај ја почнаа „антитерористичката“ акција со широк обем, пренесува Раша Тудеј.