Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, во гостување на ТВ Сител повтори дека доколку кандидатот на СДСМ во Скопје, актуелниот градоначалник Петре Шилегов, изгуби на локалните избори, тој „не може да ја води Владата“. Според Заев, локалната власт во тој случај ќе прави опструкции на владините политиките. Лидерот на СДСМ појаснува дека тоа не значи дека ќе се распишат и предвремени парламентарни избори.
– Пораката е генерално за мобилизација. Јас сум се борел против режим, внатре сум се борел, сум носел храбри одлуки и јас сум тука да се борам. Но, треба поддршката од граѓаните… Не може да имате општини кои го шират национализмот, конзерватизмот. Да има политики кои ќе ве скараат со соседите… Јас реков отворено, јас или Влада преводена од мене, не може понатаму така да води. Парламентарното мнозинство е стабилно, верувам дека ќе имаме и некој плус. Не можете да бидете локомотива, да бидете лидер во таква ситуација, вели, Заев.
Прашан дали ова значи дека тој ќе поднесе оставка, а некој друг од СДСМ ќе ја преземе премиерската функција, Заев одговори:
– Секако, Влада предводена од СДСМ заедно со коалиционите партнери, дај боже како што се надеваме зајакната плус, заради тоа што е важен секој пратеник. Не е исто дали се 62 или сте 64 или 66 или 68 пратеници во коалицијата на мнозинството во делот на сето тоа што е закочено на пример во Собранието и слично, останува влада предводена од СДСМ, рече премиерот.
Заев ги повтори и пораките дека значаен дел од населението им покажало „жолт картон“ и дека пораката е сфатена.
– Не сме победени од ВМРО – ДПМНЕ. Слободоумните граѓани велат дека ќе излезат да гласаат во вториот круг, рече Заев.