Менаџерите на кавадаречки Дрекслмаер се сретнаа со работниците кои од минатата ноќ штрајкуваат. Ова го потврди менаџментот на фабриката, кој се огласи со соопштение за јавност. Во него, раководството на германскиот гигант демантира дека на своите вработени има ја намалил платата, туку дека недоразбирање било причината за незадоволството на работниците.
– Од бруто платата како што е законски пропишано се исплаќаат социјалните придонеси и персоналниот данок. Потоа на вработените им се исплаќа нето-плата. Дрекслмајер се придржува на превземените обврски кон вработените, пишува во соопштението.
Менаџментот истакнува дека на своите вработени од почетокот на работењето на фабриката им обезбедува превоз со околу 30 автобуси дневно, а за оние на кои тоа не може да им се обезбеди, им исплаќа патни трошоци.
Потсетувајќи дека со над 4 илјади вработени, Дрекслмаер е најголемиот работодавач во Македонија, менаџментот во соопштението објаснува дека основната месечна плата која ја исплаќаат била над минималната законска плата.
– Освен тоа, Дрекслмајер им обезбедува дополнителни исплати и услуги. Кон тоа спаѓаат исплата за работа во смени, бонуси за остварени цели, исплата за прекувремена работа. При тоа на вработените им обезбедува и медицинска нега во самата фабрика како и бесплатен оброк. Со тоа, Дрекслмаер одговорно ја презема својата социјална и општествена улога, пишуваат во соопштението менаџерите на фабриката.
Преку илјада работници од Дрекслмаер минатата ноќ почнаа да штрајкуваат, незадоволни од неисполнувањето ветување на менаџментот дека ќе добијат бонус за работа за време на велигденските празници. Штрајкот продолжи и денеска.




