Денеска се одржаа фер, слободни и демократски избори. Огромно мнозинство од граѓаните денеска излегоа на гласање и дадоа правец каде ќе се движат државата и општините во следните четири години. Каков ќе биде правецот, ќе видиме од резултатите од гласачките места,рече на пресконференција портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.
– Денеска победи демократијата, победи слободната волја на граѓаните и покрај обидите за компромитирање на изборниот процес од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Не успеаја обидите на ВМРО-ДПМНЕ да ги компромитира изборите, таквите режимски методи врз слободната волја беа откриени и по нив постапуваат надлежните институции, рече Кузеска.
Според неа, Ѓорче Петров, Кочани, Македонска Каменица се само дел од случаите каде како што рече, ВМРО-ДПМНЕ со своите режимски тактики се обиде незаконски да влијае врз изборниот процес.
– Граѓаните денеска на слободни и демократски избори го дадоа својот глас, гласаа слободно и без притисоци, а избирачката волја на мнозинството ќе биде испочитувана. Во име на СДСМ им честитам на граѓаните, на институциите за денешниот успешен изборен ден, додаде Кузеска.
Таа потенцираше дека се пребројуваат гласовите, а резултатите ќе бидат соопштени на наредните пресконференции на СДСМ во текот на оваа вечер.