По поплавите во Србија неизвесно е како и од каде ќе надополниме 40 отсто лебно жито што секоја година главно ги увезуваме токму од нашиот северен сосед. Според српскиот агроекономист Милан Простран нашиот северен сосед ќе има жито само за нивните потреби, а не и за извоз, јави АЛСАТ.
На внимателност посочуваат и домашните земјоделски експерти.
„Обилните врнежи за кратко време предизвикаа големи полави и уништување на производството посебо во Србија. Во Панонија житата се речиси целосно уништени, а со тоа ќе ни претстои и криза во однос на снабдување со жита што Македонија ги надополнуваше токму оттаму“, рече д-р Ристо Вучков, универзитетски професор за телевизијата.
Како алтернативна локација за набавка на жито, освен Србија, досега ја користевме Украина, но и таму годинава имаше немири. Главното пристаниште за извоз на украинското жито беше Одеса, која се наоѓа на Крим, кој сега е во руски раце. Покрај ова, украинските фармери не го продаваат житото заради падот на украинската валута, не сакајќи да го дадат евтино. Настрана фактот што производството на жито во Украина заради кризата, која се уште трае, имаше редица прекини и непознато е колкава ќе биде овогодишната жетва.
Сепак, Украина извезува 18 милиони метрички тони жито годишно, што е повеќе од далеку поголемата Индија, која извезува 11,2 милиони метрички тони, а вкупното индиско производство на жито изнесува двојно повеќе од домашните потреби. Со оглед на ова, се поставува само прашањето како украинското жито ќе стигне до Македонија.