Одложено рочиштето за предметот во кој актуелниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување.
Како што потврдија од Основниот кривичен суд – Скопје за МИА, обвинетиот Стевчо Јакимовски, до Судот приложил документација дека целото семејство на неговиот адвокат е позитивно на Ковид-19 и затоа и тој во моментов се наоѓа во изолација.
Од Судот дополнуваат дека поради заштита од ширење на коронавирусот, судијата Осман Шабани го одложи рочиштето за 23 ноември.
Според обвинението, во периодот од 2011 до 2017 година, како службено лице – градоначалник, Јакимовски во повеќе наврати ја злоупотребил службената положба и овластување во постапки за јавна набавка и во постапка за легализација на времени објекти од деловен карактер и приватизација на градежно земјиште сопственост на Република Северна Македонија.
Покрај Јакимовски, обвинети беа и петмина службеници од Општина Карпош кои во декември лани признаа вина за бесправно градење. Бидејќи ги признаа кривичните дела уште пред да влезат во судница, тие добија услови затворски казни по 1 година, ако во наредните две години го повторат кривичното дело.
Јакимовски останува обвиненет во постапка во која половина од неговите обвинети соработници си признаа дека со своите постапки заедно со него го оштетиле буџетот за 616.000 евра.