Сарајот на Ахмед Нијази Бег во Ресен и Дом на култура „Драги Тозија“, добива целосно нов покрив, напиша на својот фејсбук профил министерката за култура Ирена Стефоска.
-Во тек е реконструкцијата која се одвива во две фази, а е предвидена во годишната програма на НУ Завод музеј Битола, финансирана од Министерството за култура. Првата фаза е во вредност од околу 2 милиони денари. Со ова трајно се решава еден долгогодишен проблем кој е од големо значење во целокуоната заштита на нашето културно богатство, додаде Стефоска.
Министерката истакна дека е започнат и процесот на санација, конзервација и реставрација на старото училиште во с. Љубојно.
-Заврши процесот на обезбедување на заштитно конзерваторските услови од страна на надлежните институции, НУ Завод и музеј – Битола и Управата за заштита на културно наследство од Скопје. Зимскиот период ќе биде искористен за изготвување на потребната проектна документација, што ќе овозможи во текот на следната година да се пристапи кон практични активности на непосредна санација, конзервација и реставрација на овој исклучително значаен објект за целата држава, заклучи Стефоска.