Ќе разговораме за актуелната политичка ситуација, истакна пред почетокот на заседавањето на Извршниот одбор на СДСМ, потпретседателот на партијата, Оливер Спасовски.
-Ќе зборуваме за сето она што е интерес на граѓаните и државата, односно останување на патот по кој се движи државата, за мирот и стабилноста, бидејќи најважно е сигурноста да ја почувствуваат граѓаните, кажа Спасовски.
Пред почетокот на состанокот, потпретседателот на СДСМ, Фатмир Битиќи истакна дека оставката на претседателот на партијата, Зоран Заев не се очекува да биде предмет на расправа.
-Заев во овој момент е потребен за општеството и за владеењето во државата. Ќе разговараме за енергетската криза и пандемијата, но и севкупниот предизвик во кој државата се наоѓа, истакна Битиќи.
Тој додаде дека раководството на партијата не бега од одговорноста за резултатите на локалните избори, бидејќи „тоа е морален и етички, но секако и демократски чин“.
Прашан дали има идеи за евентуално нов лидер на СДСМ, Битиќи само кусо одговори: „не, се уште е рано“.