Полицискиот службеник е прогласен за виновен и осуден на една година казна затвор за сторено кривично дело Малтретирање при вршење на служба. Иницијативата Аваја на својот фејсбук профил велат дека е донесена пресуда по постапување во случај на полициска бруталност.
– Невзат ја доби правдата. Аваја активно дејствуваше во текот на целата година со јавно говорење, соопштенија во јавност, протест и целосно следење на случајот, пишуваат од иницијативата.
Мрежата за заштита од дискриминација континуирано реагира и бара активно преземање на мерки за стопирање на полициската бруталност, а жртвите соодветно да добијат правда.
Станува збор за случајот во Битола, во кој полициски службеници употребија прекумерна сила врз Роми кои штотуку направиле сообраќајна незгода со својот автомобил.
Инцидент помеѓу група граѓани и припадници на сообраќајната полиција можеше да помине незабележан доколку за него не се појавија видеоснимки. Инцидентот се случи на 21 септември.
Снимките излегоа во јавноста три дена подоцна, на 24 септември, а веќе на 25 септември излезе и друга видеоснимка, овој пат од прес-конференција на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски со осуда на настанот и со преземени активности за казнување на насилните полициски службеници.