Посмртна поворка за белите дробови ќе се симулира утре пред Меморијалниот центар на Мајка Тереза во Скопје, како дел од одбележувањето на 5 јуни – Светскиот ден на животната средина.
Целта на акцијата во организација на Еко-свест и други еколошки здруженија е да се алармира за сериозните здравствени ефекти од аерозагадувањето, но и да се посочат стратешки мерки кои треба да ги преземат институциите.
„Според студијата на Институтот за јавно здравје издадена во 2012 година како дел од студијата за зелен развој на Светската банка, во Македонија секоја година умираат 1.350 луѓе од последиците од загадениот воздух. Секако, овие смртни случаи не се единствениот данок на загадувањето кој го плаќа македонското население – според истиот извештај загадувањето со прашина поситна од 10 микрометри македонската економија ја чинело 253 милиони евра во 2011 година“, соопштија организаторите.
Изворите на загадувањето се многубројни, а како главни се посочуваат моторните возила, индустриските капацитети, градилиштата, палењето на материјали несоодветни за горење (пластика, автомобилски гуми и слично) и термоцентралите кои работат на јаглен.
– Уметничката инсталација во форма на бели дробови, која се користи во „турнејата“, е изработена од холандскиот уметник Артур ван Бален, а ние ја искористивме за да ги споиме уметноста, граѓанскиот активизам и грижата за нашето здравје. Одлучивме протестот да го направиме на покреативен и повидлив начин. Очекуваме тоа да ги потсети граѓаните дека сите сме во акутна опасност од заболувања на белите дробови и оти треба да бараат отчет за загадувањето од надлежните – вели Невена Смилевска од „Екосвест“, како што јавува Дневник.
– Мерките за решавање на проблемот се предвидени во законодавството и стратешките документи, но евидентно е дека или не се спроведуваат или тоа се прави само делумно. Ако Македонија ги намали емисиите на прав (ПМ10 и ПМ2,5) на вредностите пропишани во ЕУ, ќе се спасат 800 животи годишно и ќе се заштедат 151 милион евра, велат организаторите на симболичната погребна поворка




