Италијанското претседателство со Советот на Европската унија, кое започнува на 1 јули годинава и ќе трае шест месеци, ќе нема негативен пристап кон проширувањето на Унијата и на статусот на Македонија во однос на истото, но ќе пристапи реалистично.
Ова е пораката што на денешното неофицијално претставување на приоритетите на идното претседателствување со Унијата, во зградата „Резиденс Палас“ во Брисел ги претставија високи официјални лица на италијанската Постојана мисија при ЕУ, јавува дописникот на МИА од Брисел.
Според овие официјални лица кои инсистираа на анонимност, рамката за оваа дискусија во следните шест месеци по завршувањето на Грчкото претседателство со ЕУ, ќе се одвива на попрагматичен начин. Тие велат дека ако се остане на ниво на принципи што и како, дека не може да се најде заедничко тло.
– Со години слушаме за замор од проширувањето, но во меѓувреме почнавме преговори за членство со Црна Гора, со Србија, потпишавме договор за асоцијација со Косово, а сега има надеж дека ќе се донесе одлука и за доделување на кандидатски статус на Албанија. Не гледаме можност за регата-пристап, за тоа сите земји да се движат во исто време напред во процесот, но гледаме процес во кој земји се оценуваат според заслугите и капацитетот да се приклучат на ЕУ. Не сме негативен, реалистични сме и истото се однесува и на Македонија и нејзините шанси да ги почне пристапните преговори, посочија високите извори од Италијанското претседателство со Унијата.
Сепак, оттаму потврдуваат дека ќе се обидат да и помогнат на Република Македонија да напредува во евроинтеграциите, но напоменуваат „мора прво да си помогнете самите на себе“, во однос на политичките настабилности во земјата.
Има убедување дека е можно на претстојниот јунски Самит на Европскиот совет, Албанија да добие статус на земја-кандидат за членство во ЕУ, што значи дека за време на претседателствувањето на Италија со официјален Брисел, дури е можно да почне и со преговорите.




