Се руши едно за да се гради друго. Благодарение на проектот „Скопје 2014“ многу култни места во главниот град заминаа во историјата. Се сруши старата железничка станица, се сечат дрвја, а голем број на објекти се изменети до непрепознатливост.
На владиниот проект насловен „Скопје 2014“ се работи интензивно.
Денешна мета се култната сендвичара „Чичко Стоилко“ и останатите киосци веднаш до зградата на ЕЛЕМ и ЕВН.
Киосците се збришани под образложение дека пречат при градежните зафати со кои ЕВН и ЕЛЕМ треба да добијат барокен лик.
Како што најави претходниот состав на Општина Центар, овие брендови наскоро ќе се заменат со 20 стилизирани сендвичарници со антички столбови во архитектонскиот стил кои ќе никнат на повеќе локации низ центарот на градот.
Сопствениците, вработените и граѓаните за НОВА ТВ низ солзи велат дека се руши бренд, препознатлив и за странските туристи.Тие добиле известување од општина Центар дека бараките ќе се рушат од 16. до 20. месецов, но не очекувале дека изутринава ќе бидат избркани, пред да измине рокот од четири дена.
Од општина Центар велат дека постапиле по решение донесено од претходното општинско раководство во 2011 година.
„Отстранувањето на сендвичарниците Чичко Стоилко, Нино и уште два објекта е законска обврска на општината која постапува по донесеното решение, а на барање на ЕВН за поставување на нова барокна фасада на зградата. Сопствениците претходно ги добија писмените решенија за отстранување на нивните времени објекти. Најава за нивно отстранување имаше уште пред неколку години, поради уредување на просторот со околината која е главно во духот на проектот Скопје 2014. Уште еднаш потенцираме дека ова е законска обврска на општината.“ се вели во соопштението на општина Центар.
Проектот „Скопје 2014“ стана контроверзен уште од самиот старт. Нефункционалноста на објектите и прекумереното трошење на фонтани и споменици создаде револт кај јавноста.
„Ова е глупост невидена“, „Што ќе ни се толку фонтатни, толку споменици“, „Премногу е навистина“, велат граѓаните за НОВА.
За проектот неодамна се огласи и влијателниот Дојче Веле на босански јазик. Новинарот Ненад Величковиќ во неговата уникатна репортажа за Скопје вели:
„Македонија не е богата држава. Селата и градовите на нејзиниот исток буквално изумираат. На нејзиниот запад не е баш јасно каде е државната граница, иако на картите е прецизно нацртана, баш како што е меѓу Русија и Украина. Патиштата се лоши. Индустријата е на колена. Невработеноста е огромна (речиси 40 отсто, кај младите преку 50 отсто). И што демократски избраната власт нуди како решение? Вардарска верзија на ласвегашката архитектура и центар на градот претворен во музеј. “
Има 2 верзии за планираната сума на проектот Скопје 2014.
Владините трошоци до 2010 биле проценети на 80 милиони евра. До 2013, според податоците на невладините организации проектот чинеше 207.872.492, додека според проценките на невладините организации, на кои се повикува и Дојче Веле говорат за сума од скоро половина милијарда евра.
Допрва се очекува и барокизација на градскиот трговски центар (ГТЦ) – Скопје, со што главниот град ќе добие слика, непрепознатлива и за луѓето кои цел животен век го поминале тука.




