Меѓународната заедница, поточно Брисел, го вклучи силно алармот откако политичката криза станува се подраматична и опозицијата се потврда, кога станува збор за одбивањето да се врати во Парламентот.
Именуван е олеснувач на кризата- се работи за белгискиот експерт и медијатор на Комисијата за Собранискиот црн понеделник на 24 декември 2012, Петер Ванхоуте, кој е во директна комуникација со евро-комесарот за проширување Штефан Филе.
Извори за НОВА изјавуваат дека Брисел го вперил притисокот кон власта и кон прифаќање на опозициските услови.
Заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска за НОВА ги коментира информациите дека Брисел преку посредник врши притисок врз раководството да се вратат во Парламентот и ја отфрла таквата можност.
Шеќеринска потврдува дека со Заев имале средба со Ванхоуте, но додава дека нивниот став е јасен и соопштен на меѓународната заедница, односно на Брисел, на средбата со еврокомесарот Филе која се одржа минатата недела, кога заедно со Заев ја образложиле политичката ситуација и условите кои власта мора да ги исполни за да дојде до целосна политичка партиципација на опозицијата.
Тие услови беа соопштени уште на самиот ден на затворањето на изборните гласачки места, кога опозицијата одби да ги признае изборните резултати, кревајќи го гласот против фалсификуваната волја на граѓаните.
Се работи за формирање на техничка влада, спроведување попис, пречистување на списокот, стриктно почитување на медиумските слободи.
Денешната седница на која треба да бидат констатирани оставките на пратеничките функции на 33 пратеници од опозициската коалиција, ќе биде показател за следните чекори на власта, велат изворите за НОВА- доколку Трајко Вељановски ја одложи седницата и не ги прифати оставките на опозицијата, ќе значи дека се неопходни преговори на релација власт-опозицијата со јасна медијаторска улога на Брисел, но доколку тие преговори не вродат со плод, оставките остануваат како единствено решение.